сабота, 10 мај 2025

Обвинителството бара притвор за директорот на Геријатриската болница осомничен за барање поткуп

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска донесе наредба за спроведување истражна постапка против двајца осомничени, од кои едниот е осомничен за кривично дело примање поткуп од член, а другиот за помагање при извршување на тоа кривично дело.

Објавено на

часот

Сподели

Првоосомничениот, како службено лице – директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје,  во периодот од 19 март до 8 април 2025 година, во неколку прилики директно побарал значителна имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што би морал да го изврши. Поткупот го побарал од сведок во постапката – давател на доживотна издршка за лице кое боледувало од повеќе состојби и на кое по лекарски препораки и упатување му било потребно болничко згрижување во наведената установа. Кога сведокот се обратил во установата бидејќи состојбата на пациентот се влошувала, била известена дека пациентот е ставен на листа за чекање за прием. По неколку дена добила повик од второосомничениот, кој ѝ закажал средба со директорот на установата на 19 март 2025 година во вечерните часови во угостителски објект во Скопје“, информираше обвинителството.

Според Јавното обвинителство, на средбата, првоосомничениот лично кажал дека знае оти пациентот е материјално добро ситуиран, за што имал податоци и за недвижниот имот кој го поседува, па ветил помош за сместување ако биде награден со 100.000 евра. Жената-сведок реагирала дека тоа се многу пари, на што директорот предложил до бараната сума да се дојде преку продажба на недвижниот имот – стан кој го поседувал пациентот, што не било опција бидејќи станот бил опфатен со договор за доживотна издршка.

„На 3 април 2025 година била реализирана средба меѓу сведокот и помагачот, како лице во кое директорот на Геријатриската болница имал целосна доверба, а на 4 април 2025 година повторно сведокот се сретнал со двајцата осомничени. Конечно било договорено сведокот да даде 20.000 евра како гаранција за да го смести пациентот во болницата, а доколку првоосомничениот ‘со проверки’ утврди дека пациентот има и дополнителен недвижен имот тој имот да се продаде за да се обезбеди вкупно побараниот износ од 100.000 евра“, соопштија од обвинителството.

Согласно овој договор, на 8 април 2025 година жената-сведок се сретнала со второосомничениот, кој влегол во нејзиното возило и во име на директорот директно примил износ од 20.000 евра, по што на лице место бил фатен од страна на полициските службеници.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.

Директорот на специјализираната болница за геријатрија и палијативна медицина 13 Ноември, Мухсин Арифи за да хоспитализира пациент за кој знаел дека е богат.

Од Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, чиј член е Арифи, вчера ги повикаа надлежните државни органи во брза и ефикасна постапка да ги расчистат сите околности. Арифи претходно беше директор на психијатриската болница во Бардовци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ