Промената на обвинител судот ја нотира, се наведува во соопштението на ЈО, а судењето продолжува онаму каде што запрело, односно нема никаква потреба за повторување на постапките.
„Затоа Јавното обвинителство апелира на внимателно и одговорно јавно коментирање и информирање на јавноста, особено за предметите поврзани со кочанската трагедија, бидејќи сите јавно изнесени шпекулации и невистини за тоа како промената на јавен обвинител би можела да се одрази врз постапките кои се во тек, длабоко ги вознемируваат семејствата на жртвите, но и целокупната јавност. Воедно, упатуваме повик до Здружението на новинари и до другите професионални организации да апелираат и да го гарантираат почитувањето на етичките стандарди за известување и воздржаност при јавно коментирање на вакви трагедии за да не се дозволи неосновано зголемување на болката и страдањата, односно нова виктимизација на најпогодените од овој трагичен настан“, велат од ЈО.
Оттаму уште апелираат и до сите „останати повикани јавно одговорни чинители да придонесат за ефикасност на постапките, но и за одмереност во јавните настапи и коментари каква што налага сериозноста на последиците и колективната траума предизвикана од пожарот во Пулс”.
„Имајќи ја предвид сериозноста на овој настан, сите јавни личности кои имаат општествено влијание треба да внимаваат да не предизвикуваат неоснован немир во јавноста преку изјави, објави на социјални мрежи или која било друга форма на јавно изразување која би била вознемирувачка. Како држава, на повредените и на семејствата на жртвите, но и на сите граѓани, им должиме законита и достоинствена судска постапка која ќе ги даде одговорите и очекуваната правда. Јавното обвинителство презема сѐ што е во негова надлежност за тоа да го испорача, без непотребни одолговлекувања и усложнувања“, велат од Јавното обвинителство.
Родителите на починатите во „Пулс“ вчера побараа враќање на Ивана Алексова-Трајчева, обвинителката која го водеше предметот за обвинетите полицајци.
Тие изразија загриженост поради одлуката на Советот на јавни обвинители да не го продолжи мандатот на обвинителката Ивана Алексова Трајчева, во чија надлежност беа предметите за обвинетите полицајци за кочанската трагедија. Сметаат дека со промената на обвинителот, предметот преминува кај нов обвинител, кој ќе треба од почеток да се запознае со случајот, доказите и целокупната постапка, а тоа, според нив, носи ризик за дополнителни одложувања, пролонгирање на судските процеси и нарушување на континуитетот.






