Ова обвинение не е големо и гломазно, туку е реалноста за она што се случило. Очите на обвинетите беа вперени во обвинителот, а првиот од нив, Дејан Јованов, сопственикот на „Пулс“, за време на споменување на неговото име со наведната глава ги слушаше речениците на обвинителот. Роднините на оние кои починаа со солзи и липање слушаа како се чита се она што според обвинителот, не било направено за да не се случи трагедијата, а сè, како што рече Јанев, било за пари.

“Во Кочани не изгоре само објектот, туку изгоре и илузијата дека одговорните институции се тука кога се потребни. Овде изгоре и иднината на млади луѓе кои сакале само радост и забава. Мораме на вистината да ѝ погледнеме во очи и да се соочиме со оваа трагедија. Мора да одговориме кој пресмета профит и пресмета молк наместо санкција? Злодело е поставувањето на овој објект кој бил буре барут, а искрите имале каде да потпалат и да уништат толку судбини”, рече во својот воведен говор обвинителот Јанев. Тој нагласи дека „Пулс“ немаше да биде масовна гробница, ако сите постапеа како што треба.
Обвинителот Јанев во судницата посочи дека трагедијата била „целосно предвидлива“ и дека институциите со години ги игнорирале безбедносните ризици.
„Нашиот народ знае да каже: ‘Подобро да се спречи, отколку да се лечи’. Тоа е есенцијата и на превентивното безбедносно делување. Но во овој настан, за жал, последиците се неизлечиви, затоа што никој никогаш не се ни обидел да ги спречи,“ рече денес во судницата обвинителот Јанев.
Тој нагласи дека задачата на Судечкиот совет не е лесна, бидејќи, како што рече, „кога превенцијата затајува, државата нема друг одбранбен механизам освен да гони, санкционира и казнува“.
Обвинителот најави дека доказите што ќе бидат изведени ќе покажат „без дилеми“ дека злоделото не е само моментот на активација на пиротехниката што го предизвика пожарот.
„Злодело е и самото постоење на овој објект толку години. Клубот Пулс отсекогаш бил безбедносна смртоносна стапица, буре барут,“ рече Јанев, појаснувајќи дека трагедијата била неизбежна поради долгогодишно игнорирање на опасностите.
Тој истакна дека сите предуслови за несреќата биле одамна поставени, а ниту едно од обвинетите лица не сакало да ја види или спречи опасноста.

Во продолжение, обвинителот детално се осврна на улогата на првообвинетиот Дејан Јованов.
„Опасноста никогаш не го интересирала. Димензијата на преземените дејствија и пропустите кај овој човек се шокантни и запрепастувачки. Ќе можете да видите на што бил спремен само заради профит,“ рече обвинителот, споредувајќи ги неговите карактерни особини со „негативните ликови од делата на Гогољ, Достоевски, Орвел“.
Обвинителството тврдеше дека Јованов сам не би можел да го „преврти системот“, туку дека токму институционалните слабости му овозможиле да делува.
„Ни покажа каков систем навистина сме имале. Ги исцрта пропустите на лицата кои биле одговорни за превенција и безбедносна заштита,“ рече Јанев.
Тој остро ги критикуваше инспекциските служби и другите надлежни органи.
„Да видат пред да заболи, да забранат пред да изгори, да затворат пред да погребуваме — тоа е суштината на нивното постоење. Но должноста молчела,“ додаде обвинителот во воведниот говод.
Во говорот беа наведени и институциите за кои обвинението тврди дека имале обврска да реагираат: Општина Кочани, Дирекцијата за заштита и спасување, МВР, Државниот и Пазарниот инспекторат, како и Министерството за економија.
„Изведените докази ќе покажат дека кај службените лица постоел јасен образец на игнорирање на безбедносните опасности, сè до моментот кога настапи последицата,“ порача обвинителот Јанев.
„Почитувани, како држава постоиме веќе 80 години со изграден правен систем, а како демократско општество повеќе од 30 години, коешто постојано се стремиме да го подобриме кон повисоки стандарди. Но за тоа ни се потребни и повисоки стандарди на одговорност и однесување“, рече денес во судницата обвинителот Јанев во воведниот говор за случајот „Пулс“.
Тој истакна дека функциите што државата ги доверува носат обврска пред граѓаните, а секое непостапување согласно законските норми, особено од аспект на безбедноста, неизбежно води кон трагични последици.
„Така згаснаа 63 животи и повеќе од 200 повредени луѓе, со трајни последици во телото и душата. Не се тоа бројки. Тоа се имиња, семејства, иднини, недоживеани утра, недопеани песни, празни столчиња и домови“, нагласи обвинителот.
Со понизност кон жртвите и нивните блиски, Јанев порача дека целта на постапката е да се постават прашања, да се именува одговорноста и да се утврди причината за трагедијата.
Обвинителот посочи дека, доколку објектот ги исполнувал стандардите, вратите биле проодни, материјалите негорливи, постоел противпожарен систем и функционирал надзор, „пожарот ќе бил запаметен како опасен инцидент, но не и како масовна гробница“.
„Затоа денес бараме одговорност по име и презиме. Бараме правда. Правда, но не заради утеха и одмазда — туку правда како последица на незаконитост“, заврши Јанев.
Следното судење за трагедијата во Кочани е закажано за 25 ноември кога воведни говори треба да даде и одбраната.
Катерина Додевска






