Во писмената реакција, Бубевски наведува дека обвинувањата поврзани со неговото постапување и работата на поранешното Специјално јавно обвинителство се невистинити и, според него, имаат цел да му наштетат на личниот и професионалниот углед.
„Веднаш по емисијата иницирав постапка со која побарав извинување за јавно изнесените лаги. Доколку не добијам извинување во законски предвидениот рок, ќе поднесам граѓанска тужба за клевета и во суд ќе се докаже дека сè што беше кажано е апсолутна невистина“, наведува Бубевски.
Тој посочува дека, иако сметал дека клеветите не заслужуваат јавно внимание, сепак реагира поради, како што вели, потребата јавноста да ја знае вистината.
Бубевски категорично ги отфрла тврдењата дека користел четири мобилни телефони. Објаснува дека додека бил јавен обвинител во СЈО користел само еден телефонски број, а по враќањето во Основното јавно обвинителство Скопје продолжил да користи еден телефон.
„Мојот единствен, во моментов приватен телефонски број го знаат сите новинари и многу граѓани, бидејќи верувам во начелото на транспарентност и секогаш сум бил отворен и достапен за прашања“, наведува тој.
Во реакцијата, обвинителот ги отфрла и сите наводи за какво било влијание врз неговото работење, нагласувајќи дека стои зад секоја одлука што ја донел. Во однос на тврдењата поврзани со предавањето на прислушуваните материјали во СЈО, Бубевски истакнува дека лично не бил присутен, за што, како што вели, поседува соодветни докази. Потсетува и дека записник за тие материјали постои и е дел од доказите во предметот „Таргет-Тврдина“.
Осврнувајќи се на Кадриу, Бубевски наведува дека причините за нејзиното оддалечување од СЈО и од редовното обвинителство се добро познати во јавнообвинителската организација и дека биле водени соодветни постапки за одговорност.
„Се обидува да го загрози мојот професионален интегритет и да влијае врз извршувањето на мојата функција. Мотивите ми се јасни, но нема да подлегнам на лаги и манипулации“, наведува Бубевски.
Тој додава дека веќе поднел тужба и за, како што тврди, лаги изнесени од уште еден адвокат – поранешен обвинител, и најавува дека ќе ги искористи сите законски механизми за заштита.
„Очекувам во судска постапка да се докаже вистината наспроти лагите со кои поединци ја манипулираат јавноста подолг временски период“, се вели во реакцијата на обвинителот Бубевски.






