недела, 29 март 2026

Обвинителите и новинарите се разбраа, Обвинителството ја прифати реакцијата на ЗНМ и на ССНМ

Јавното обвинителство (ЈО) ја прифаќа и ја поздравува реакцијата на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), се наведува во соопштението од Јавното обвинителство (ЈО) исптратено денеска попладне откако претходно двете здруженија реагираа на утринскиот повик на Обвинителството за „воздржаност“ особено при известувањето за пожарот во Кочани и го оценија како можност, пораката да биде погрешно протолкувана. Преписката помеѓу Јавното обвинителство и ЗНМ и ССНМ доаѓа откако вчера родителите на починатите во „Пулс“ побараа враќање на Ивана Алексова-Трајчева, обвинителката која го водеше предметот за обвинетите полицајци, а на која Советот на јавни обвинители, во петокот, не ѝ го продолжи мандатот во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

 

Објавено на

часот

Сподели

„Обвинителството во целост се залага за почитување на членот 10 од Европската конвенција за човекови права и членот 16 од Уставот, кои ја гарантираат слободата на изразување и на објективно информирање на јавноста. Обвинителството ги штити човековите права и слободи и со тоа создава услови за нивно непречено остварување“, спишува во попладневното соопштение на Јавното обвинителство (ЈО).

Претходно денеска ЗНМ и ССНМ,  реагираа на утринскиот повик на Обвинителството за „воздржаност“ особено при известувањето за пожарот во Кочани и го оценија како можност, пораката да биде погрешно протолкувана.

Реакцијата на Обвинителството, се посочува во реакцијата, следува откако во јавноста се отворија легитимни прашања по неизборот на Ивана Алексова-Трајчева, обвинителката која го водеше процесот против полицајците за случајот „Пулс“, односно дали оваа промена може да се одрази врз текот и времетраењето на постапката.

„Наместо прецизно да укаже на евентуални конкретни пропусти во известувањето, ОЈО со денешното јавно соопштение генерално предупредува дека шпекулациите и невистините поврзани со предметите за кочанската трагедија можат да предизвикаат дополнителна вознемиреност кај семејствата на жртвите и кај јавноста. Сметаме дека ваквиот повик, може негативно да се протолкува во јавноста, особено ако не е јасно наведено на кои конкретни случаи на неетичко или непрофесионално известување се однесува. Во таков контекст, пораката може да остави впечаток на обид да се стишаат критичките гласови и да се ограничи јавната дебата за прашања од висок јавен интерес“, наведуваат од ССНМ и ЗНМ.

Ова денеска, како што информираат, тие го посочиле и во директна комуникација со претставници на обвинителството, со цел да се надминат можните недоразбирања што произлегуваат од содржината на нивното соопштение.

„Професионалното и етичко известување е обврска на медиумите и новинарите, додека новинарските организации имаат улога да ги промовираат стандардите, да укажуваат на нивното значење и да реагираат кога тие се прекршуваат. Но, тие не можат и не треба да бидат ставени во позиција да „гарантираат“ за секоја објава или уредувачка одлука. Потсетуваме дека во случаи кога постои сомнеж за неетичко и непрофесионално известување, веќе постојат механизми за постапување, меѓу кои се претставките до Советот на честа при ЗНМ и до Советот за етика во медиумите во Македонија“, пишува во реакцијата на ССНМ и ЗНМ.

Ваквата реакција на ЗНМ и на ССНМ доаѓа откако Јавното обвинителство денеска наутро преку соопштение побара „одговорно информирање и одмереност во јавните настапи“ за пожарот во Кочани.

Промената на обвинител судот ја нотира, се наведува во соопштението на ЈО, а судењето продолжува онаму каде што запрело, односно нема никаква потреба за повторување на постапките.

„Затоа Јавното обвинителство апелира на внимателно и одговорно јавно коментирање и информирање на јавноста, особено за предметите поврзани со кочанската трагедија, бидејќи сите јавно изнесени шпекулации и невистини за тоа како промената на јавен обвинител би можела да се одрази врз постапките кои се во тек, длабоко ги вознемируваат семејствата на жртвите, но и целокупната јавност. Воедно, упатуваме повик до Здружението на новинари и до другите професионални организации да апелираат и да го гарантираат почитувањето на етичките стандарди за известување и воздржаност при јавно коментирање на вакви трагедии за да не се дозволи неосновано зголемување на болката и страдањата, односно нова виктимизација на најпогодените од овој трагичен настан“, велат од ЈО.

Оттаму уште апелираат и до сите „останати повикани јавно одговорни чинители да придонесат за ефикасност на постапките, но и за одмереност во јавните настапи и коментари каква што налага сериозноста на последиците и колективната траума предизвикана од пожарот во Пулс”.

„Имајќи ја предвид сериозноста на овој настан, сите јавни личности кои имаат општествено влијание треба да внимаваат да не предизвикуваат неоснован немир во јавноста преку изјави, објави на социјални мрежи или која било друга форма на јавно изразување која би била вознемирувачка. Како држава, на повредените и на семејствата на жртвите, но и на сите граѓани, им должиме законита и достоинствена судска постапка која ќе ги даде одговорите и очекуваната правда. Јавното обвинителство презема сѐ што е во негова надлежност за тоа да го испорача, без непотребни одолговлекувања и усложнувања“, велат од Јавното обвинителство.

Родителите на починатите во „Пулс“ вчера побараа враќање на Ивана Алексова-Трајчева, обвинителката која го водеше предметот за обвинетите полицајци.

Тие изразија загриженост поради одлуката на Советот на јавни обвинители да не го продолжи мандатот на обвинителката Ивана Алексова Трајчева, во чија надлежност беа предметите за обвинетите полицајци за кочанската трагедија. Сметаат дека со промената на обвинителот, предметот преминува кај нов обвинител, кој ќе треба од почеток да се запознае со случајот, доказите и целокупната постапка, а тоа, според нив, носи ризик за дополнителни одложувања, пролонгирање на судските процеси и нарушување на континуитетот.

„Трајчева работеше на случајот подолг период и е запознаена со сите негови аспекти. Во интерес на правдата, континуитетот и ефикасноста, сметаме дека нејзиното отстранување од предметот не е во корист на постапката. Советот на јавни обвинители се повикување на правична застапеност за одредени членови на кои им го продолжува мандатот, додека на обвинителката Трајчева ѝ се ускратува да продолжи со предметот, кој сама го водеше. Затоа, јасно и гласно бараме – обвинителката да биде вратена на случајот“,  рече Александар Наунов, претседател на здружението на граѓани „16 Март 2025 г. Кочани“.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ