сабота, 6 декември 2025
Го чекаат обвинението на кое беше споена постапката и за Нацев, газдата на Рубикон

Обвинетите за трагедијата во „Пулс“ не се произнесоа дали чувствуваат вина за смртта на 63 лица

Триесет и петтемина обвинети кои се опфатени во постапката за трагедијата во „Пулс“ и на кои им се суди за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, денес не се произнесоа дали чувствуваат вина за страотниот пожар во дискотеката во Кочани. Причина за ова беше тоа што обвинетите лица не добиле примерок од обвинителниот акт на кој заедно со 34 физички лица, поради економичност на постапката, беше споена и за обвинетиот Александар Нацев, сопственик на агензијатата за обезбедување, Рубикон.

Објавено на

часот

Сподели

За вина ќе се произнесат на 2 декември, за кога е закажано следното рочиште.

Примерот од обвинителниот акт на мејл добиле само бранителите, но и тие на денешното рочиште во дигиталната судница во Идризово се побунија дека споеното обвинение за нив е ново обвинение и дека треба да се прави оценка повторно, а не да трае судски процес.

Адвокатите во судница имаа забелешки дека во новото обвинение во кое е споена постапката и за Нацев сменет е и временскиот период на сторување на дејствијата кои довеле до смртта на 63 лица. Но, обвинителот Борче Јанев посочи дека воопшто не станува збор за ново обвинение, туку се работи за прецизирање.

Судијката Диана Груевска Илиевска одлучи дека денешното рочиште, поради економичност на постапката нема да биде одложено, туку ќе се продолжи со изјавите во кои оштетените, односно 157 тешко повредени од кои 20 се деца и роднините на починатите, преку нивните законски застапници, да се произнесат за тоа дали се приклучуваат кон кривичен прогон.

Сите беа едногласни во одлука и пред судот, нивните законски застапници кажаа дека се приклучуваат кон кривичен прогон на обвинетите, а своето право на штета ќе го остваруваат во граѓанска постапка во Основниот граѓански суд Скопје.

Утрешното претходно закажано рочиште нема да се одржи, а судењето ќе продолжи на 2 декември. Дотогаш обвинетите треба да го добијат обвинителниот акт и да се подготват за изјаснување за вина, а нивните бранители за воведните говори за трагедијата до 63 починати.

Одбраната на почетокот на судењето даде забелешки дека обвинителите, кои се 15 на број и кој работат на овој предмет, им доставиле докази кои се неуредни и во кои тие не может да се снајдат.

Обвинителот Борче Јанев на првото рочиште за трагичниот пожар истакна дека се бара одговорност по име и презиме, а општеството мора да се соочи со болната вистина и да извлече легитимни одговори за тоа кој дозволил, кој молчел и кој не спречил, бидејќи, како што рече, се бара правда не како утеха или одмазда, туку како последица на незаконитост.

„Не е важно само кој го запалил огнот, важно е кој имал кофа вода и не ја истурил“, рече Јанев, нагласувајќи дека катастрофата не е резултат само на пиротехниката, туку на години институционален молк, пропусти и недостиг од контрола кои го претвориле клубот во „смртоносна стапица“.

Трагедијата од 16 март 2025 година, според Обвинителството, е резултат на систематска негрижа и игнорирање на безбедносните закани: дискотеката функционирала без противпожарен систем, со затворени прозорци, лесно запаливи и токсични материјали и само еден излез за евакуација, додека во критичната вечер бил дозволен неконтролиран влез на над 600 гости, меѓу кои и деца по полноќ, без проверки за опасни средства.

Настапот на групата ДНК бил претходно договорен со употреба на пиротехника, а вградените материјали, особено сунѓерот на плафонот, при согорување ослободиле смртоносни гасови, што во услови на недоволни излези довело до загуба на млади животи и катастрофални последици.

Катерина Додевска 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ