Прашан каде бил на 27.11.2023 година Палевски рече дека тој ден станал во 8:30 часот, невообичаено рано за него, го запалил котелот, зашто му било ладно, по што пристигнале материјали за криминал за повеќе од 500 милиони долари, по што им дал налог на сопартијците да извадат секаква информација од интернет за набавка на ирански дронови. Го прошетал кучето, читал вести, пиел кафе и околу 10 часот тргнал кон Халк банка.
Палевски напомена дека Кешишев не бил тогаш во партијата и мислел дека е заминат за Штип, што не било невообичаено.
„Откако ги платив сите комунални давачки за семејството, заминав на Бит пазар за да купам грејач за да го поправам котелот на кој се греам, по што се вратив во партијата, каде што имав неколку состаноци и некаде околу полноќ си легнав“, рече Палевски раскажувајќи во детали што правел дента кога беше убиена Вања Ѓорчевска.
Прашан дали учествувал во грабнувањето и убиството на Вања поради откуп, преку таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, Палевски рече дека тоа тврдење на обвинителството не е точно, затоа што не е докажано, но не е и логично затоа што, според него, Обвинителството ја испитало како сведок – мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, која прашана дали кој било ја контактирал и ја уценувал неа, или кој било друг член од семејството, одговорила дека никој не ја контактирал.
„При тоа Обвинителството заборавило дека поминале цели четири дена од грабнувањето на Вања до притворањето на првиот притворен Влатко Кешишев, што е доволно време да почне уцената на Зорица Ѓорчевска. Но по 1,5 година притвор не можам да поверувам колку се наивни некои анализи на дел од медиумите, кои сѐ уште брутално ја лажат јавноста, брифирани од обвинителот Гаврил Бубевски. Доколку е уцена заради користољубие – просечен криминален ум доколку е во релација со таткото на оштетеното дете, кој веќе го поседува на свое име најскапиот имот на семејството (стан во зградата Фонтана), а децата се малолетни и тој е законски старател, криминалниот ум би ја убил Зорица, а не Вања, затоа што целиот имот на семејството заедно со депозитот од 30.000 евра и новата кола ќе прејдат во владение и 50 отсто на Ѓорчевски. Но до денес не слушнав дека имало такви индиции, или истражувања во текот на истрагата. Јас во зградата од каде што беше грабната Вања, која ја градев и продавав јас, не сум бил од 1999 година. Сум бил блиску до објектот, затоа што на два метри од зградата поседувам трафостаница од која се напојуваат 11 стана и неколку локали со струја. Но физички не сум бил кај таа трафостаница најмалку 10 години“, рече Палевски.
Потоа Палевски кажа дека пред седум дена во притвор дознал дека Основниот суд Прилеп го осудил на три години затвор за прислушување телефонски разговори, иако обвинителството барало условна осуда.
„Овој случај во Прилеп има директна врска со случајот со двојното убиство, затоа што обвинителката што го застапува обвинението за убиството на Вања и Панче е истата што ми ги одзеде ЦД-ата со прислушуваните разговори за кои сум осуден во Прилеп“, тврди Палевски.
И.О.