Според наводите од обвинението, инцидентот се случил на 10 декември, кога обвинетиот извршил грубо насилство врз двајца новинари од дневно-информативниот онлајн медиум Инфомакс, како и врз гостин во нивната емисија, со што ги спречил во вршење на нивната професионална дејност.
Додека емисијата Тешки муабети се емитувала во живо на Јутјуб и на социјалните мрежи, обвинетиот, како што се наведува, објавувал навредливи и заканувачки коментари упатени кон еден од новинарите, поради критиките изнесени во емисијата кон премиерот. По тоа, тој дошол на локацијата каде што се наоѓало студиото, ја обил влезната порта и ги оштетил влезните врати од објектот и од студиото, по што емисијата била прекината.
Еден од оштетените се обидел да го спречи обвинетиот да влезе во студиото, но тој, според обвинението, продолжил со викање, закани по живот, навреди и пцовки, а се обидувал и физички да ги нападне присутните, замавнувајќи со рацете и фрлајќи предмети кон нив. По повикот до полицијата, присутните успеале да го смират и да го извадат обвинетиот надвор од објектот.
Со ваквите дејствија, обвинетиот предизвикал чувство на страв и несигурност кај оштетените и кај други присутни лица. Медицинското вештачење покажало дека, и покрај претходната душевна здравствена состојба, делото го извршил во состојба на пресметливост. Поради тоа, јавниот обвинител доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор, со цел обезбедување на обвинетиот во текот на постапката.
Од Основното јавно обвинителство Скопје нагласуваат дека приоритетно постапуваат во сите предмети поврзани со евентуални напади врз новинари и загрозување на слободата на говор, потенцирајќи дека ваквите случаи претставуваат сериозен удар врз демократските вредности и јавното информирање.






