петок, 6 март 2026

Заеднички проект роди искрено другарство меѓу ученици од Скопје и Тирана

Ученици од Tирана од средното училиште „Американско британска СТЕМ академија“ (American British STEM Academy) беа во петдневна работна посета на скопската гимназија „Никола Карев“ во рамки на проект организиран од регионалниот центар за младинска соработка „РАЈКО“ (RYCOWB – Regional Youth Cooperation Office).

Објавено на

часот

Сподели

Тоа беше одлична можност за продолжување на заедничката работа на 30 ученици од двете училишта организирана од четири професорки започната во ноември минатата година кога „каревци“ беа во Тирана каде започна заедничкиот проект насловен „Светлата страна – Заедно посилни: споделување култура и градење самодоверба“ (The Bright Side Initiative: Bright Together – Sharing Culture, Building Confidence). Токму таму меѓу средношколците се создаде искрено другарство, а се надогради во Скопје. Со радост беа пречекани врсниците од Тирана и нивното другарување продолжи во гимназијата „Никола Карев“. Секако наставата чија цел е зближување и запознавање на младинците од различни држави и култури немаше да биде целосна ако не се посетеа скопските знаменитости, музеи, културни институции, секако и местата каде навечер излегува младината, но и да се вкусат скопското ќебапче и бурек.

Учениците од двете училишта и на дело во Скопје го потврдија тоа што го покажаа и за време на активностите на Тирана дека за нив нема граници, дека со леснотија ја реализираат целта на проектот па без „подбуцнувања“ низ дијалог „на прва“ создаваат единство и меѓусебно разбирање како и почит на различните заедници. Финално се создадени другарства кои можат да траат засекогаш.

Деновите минуваа во одлична атмосфера исполнети со тимски активности и работилници посветени на справувањето со конфликти и помирување. Особено беа интересни спортските активности во кои беше внесена многу позитивна енергија. Можеби врв на дружбата беше своевидната театарска претстава која ја одглумија учениците од двете училишта за што добија аплаузи од публиката –  ученици и професори од „Никола Карев“ кои не беа дел од проектот. Сценариото беше создадено во еден ден, а во актерството младинците се внесоа со сиот свој дух глумејќи две различни заедници и култури (различни од македонската и албанската), што на крајот од претставата завршува со разбирачка и трајно пријателство.

Во рамки на проектот беа прикажувани кратки едукативни филмови, беа водени дискусии, а гостинските ученици покрај другото, имаа можност да се запознаат со животот и делото на Мајка Тереза преку посета на музејот, како и да ја прошетаат прочуената Старата скопска чаршија. Свечената вечера пред пакувањето на куферите беше исполнета со музика од двете култури, македонската и албанската, од стари народни песни до евергрини и актуелни поп, рок или рап хитови. На крајот учениците си посакаа да продолжат да соработуваат на училиштен план, но и да се посетуваат. Тие и сега се на „линија“ преку своите мобилни телефони зашто имаат свои другари и другарки во Скопје и во Тирана.

                                                                                                                    П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ