Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, уште пред неколку месеци најави дека градинките во општината ќе останат отворени само за нејзините жители.
Во услови на светска криза, каде државите членки на Европската Унија преку мерки се обидуваат да им помогнат на своите граѓани, ние се соочуваме со ситуација каде поради една избрзана одлука егзистенцијата на многу семејства се става во ризик, велат родителите.
„При носење на оваа срамна одлука избраните од народот советници забораваат кој највеќе ќе биде затечен од оваа одлука, а тоа се децата наши. Сите ние знаеме колкав предизвик е, и колку е болно едно дете да се одвои од родителот и да се навикне на нова средина како што градинката, нашите деца го поминаа тој пат за да сега бидат буквално оставени на милост и немилост на еден систем кој се надеваме ќе профункционира конечно за интересот на граѓаните. Доколку истиот тој систем не остави на цедило, тоа ќе биде срамен чин пред се за оваа општина но и за Владата на една земја претендент да стане членка на Европска унија. Размислете драги наши сограѓани, членови на совет на општина Карпош, каква порака испраќате до сите оние млади брачни парови кои сакаат да започнат свое семејство, нека размислат и премиерот и Владата каква порака се праќа до младите брачни парови кои се иднината на оваа наша земја“, се вели во писмото потпишано од „загрижени родители“.






