„Според тоа што е кажано, станува збор за евентуално усогласување на ставовите во рамките на можностите на државата, покачувањето да започне најдоцна од јули откако ќе биде изгласан ребалансот на буџетот, односно станува збор за зголемување од 12 проценти на сегашните плати со додатоци предвидени со Колективниот договор“, рече Неделков, кој денешните преговори, кои траеја повеќе од три часа, ги оцени како многу тешки.
Тој додаде дека тоа е максимумот што СОНК можел да го добие, но дека е договорена и изработка на колективни договори за детска заштита во основно и средно образование, како и за патните трошоци и К-15, што останува за работа за наредниот период.
На средбата во Владата учествуваше и Сусан Флокен, директор на Европската конфедерација на синдикати на образованието, која претходно изјави дека е дојдена во Скопје за да изрази целосна поддршка за СОНК и да му даде поддршка и во преговорите со Владата. Неделков ѝ изрази голема благодарност за поддршката и оцени дека на преговорите тие биле засилени со нејзиното присуство.
Како и на претпладневната прес-конференција, Неделков повтори дека утре ќе има консултации со членството, со цел да се изјаснат дали се прифаќа понудата од Владата за штрајкот. Тој изрази надеж дека понудата ќе се прифати со цел да заврши штрајкот и децата да се вратат во училишните клупи. Тој рече дека по завршувањето на штрајкот наставниците ќе се погрижат да биде предавана целата предвидена образовна програма. Неделков изрази жалење што мораше да има прекин на наставата и додаде дека до решението можело да се дојде и порано.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска изразија надеж дека од среда децата ќе се вратат во градинките и во училиштата, а родителите ќе можат да продолжат на работа.
Според министрите, понудениот процент за покачување на платите нема да предизвика инфлација, зашто со ребалансот на буџетот ќе се најдат пари за платите.






