„Во Колективниот договор за детска заштита за градинките кои се во надлежност на МТСП, убаво е дефинирано што треба да се прави во случај на штрајк и што е должен да направи работодавачот. Истото е дефинирано и во Законот за работни односи каде се вели дека во услови на штрајк работодавачот е должен да исплати придонеси на сите оние работници кои штрајкуваат на најниската основица за исплата на придонесите. Следниот член – 241 дава можност СОНК да обезбеди исплата на нето плата за сите оние работници кои штрајкуваат. Затоа сметам дека се работи само за почитување на законите, а не за какви било притисоци или уцени од страна на МТСП врз вработените во градинките кои штрајкуваат“, рече Тренчевска по посетата на градинката „Орце Николов” во Општина Карпош..
Таа нагласува дека доколку таа како министер не постапи согласно со тоа што е предвидено во законите, може да сноси и кривична одговорност за злоупотреба на службена положба заради фискалните импликации.
Министерката побара СОНК да ја преиспита одлуката и неговите претставници и членството да седнат да разговараат за конкретниот предлог на Владата за покачување на платите за 10 проценти, и да го прифатат, со цел, како што рече, штрајкот да прекине и учениците да се вратат во училиштата и во градинките.
Самостојниот синдикат на образованието, науката и културата (СОНК) вчера рече дека очекува да ги добие заклучоците на Владата во врска со генералниот штрајк на вработените во градинките, основните и средните училишта и најави дека ќе ги разгледа и ќе се произнесе по нив. Дотогаш, посочија од СОНК, штрајкот на вработените во образованието и градинките продолжува.
Штрајкот на вработените во образованието и во градинките почна на 11 април.






