„Потсетуваме дека иако НАкС го поздрави покачувањето на минималната плата, со што се подобри положбата на вработените со најниски примања, баравме соодветно зголемување и на платите на останатите вработени. Зголемувањето на платите за сите вработени, вклучително и за вработените во високото образование и науката е нужно со цел да се избегне воедначување на надоместокот што го добиваат вработените што вршат работа со различна сложеност или различен степен на образование.
Оттука, бараме Министерството за образование и наука да биде одговорен партнер во социјалниот дијалог и веднаш да ги започне разговорите за усогласување на Колективниот договор за високо образование и наука со Законот за минимална плата од февруари 2022 година и на тој начин да ја заштити неговата функционалност. Во спротивно, ќе бидеме приморани
да преземеме порадикални чекори со цел исполнување на нашите права.
Независниот академски синдикат ќе продолжи да се бори за подобрување на условите за работење во високото образование и науката и подигнување на квалитетот на образовниот процес“, се вели во соопштението на НАкС.






