Денеска, како што рекоа синдикалните претставници, не им било дозволено да постават шатори пред Владата.
Претседателот на НСОН, Томислав Гиевски рече дека на протестот се појавија голем број на просветни работници револтирани поради нивната ниска потпросечна плата и поради начинот на кој што се одбегнува пресметката за плата повеќе од една деценија во секторот образование.
„Ако во земјава сега минималната плата е утврдена на 18.000 денари, повикуваме и најавуваме во уште поголем број ќе излегуваме на протести доколку не се најде решениети просветниот работник да добие достоинствена плата согласно законите и согласно животниот стандард”, рече Гиевски.
Toj нагласи дека очекува да се разбуди свеста кај Владата и дека платите конечно ќе се помрднат, потсетувајќи ја дека рокот што ѝ бил даден на Владата истекува денеска.

„Почетната плата на наставник и на стручен соработник во секторот образование изнесува 24.800 денари, што е за околу 5.200 денари под моменталната просечна плата. Тоа е далеку под републичкиот просек и е недостоинствена плата за кадарот кој ги образува нашите деца”, нагласи Гиевски и информира дека во регионот никаде платите на наставниците не се под просекот во државата.
Од полицискиот синдикат побараа вредноста на бодот од 27 денари да биде покачена на 62 денари.
Генералниот секретар на НСП, Орце Коцевски рече дека иако ги доставиле барања до Владата за решавање на проблемите со кои се соочуват полициските службеници добиле известување дека тие се проследени кај министерот за внатрешни работи, кој, како тој што посочи, ги игнорира повеќе од две години.
„Ова е сумата за која полицискиот службеник ги брани граѓаните и се грижи за безбедноста ризикувајќи го и својот живот. Во оваа сума помала од 400 евра му се тие мизерни 30 проценти овластување вклучително, храна, превоз, стаж. Платата на полицискиот службеник е за 3.000 денари пониска од основната плата од 18 илјади денари“, рече Коцевски, покажувајќи транспарент „Живот на полицаец вреден 400 евра”.






