понеделник, 7 април 2025

Од 6 одделение историја и географија ќе се учи заедно со природни и општествени науки

Објавено на

часот

Сподели

Зекирија Хасипи, директорот на Бирото за развој во изјава за ТВ Телма вели дека не се губи историјата, туку таа од 6 до 9 одделение ќе биде дел од предметот историја и општество. Етика на религии пак останува слободен изборен предмет.

Хасипи уверува дека наставниците по овие предмети кои ќе се интегрираат во други, нема да останат без работа.

Никој нема да остане без работа. Со новата концепција наставниците имаат шанса да изработат програми од слободни изборни предмети и со тие програми може некој наставник да има полн фонд на часови. Овие предмети ќе ги предаваат истите наставници, но секој ќе си предава свој предмет, своја тема“, вели Хасипи.

Според наставната програма во предметот природни науки, речиси и да нема ништо поврзано со географија, посебно со територијалната. Од наставната програма може да се забележи дека шестоодделенците ќе учат за својства и промени на супстанците, за сончев систем, сили и движења, електрицитет и магнетизам, грижа за животната средина...

 За ВМРО-ДПМНЕ ваквите реформи се непромислени.

„Јас верувам дека наставна програма за историја и општество ќе излезе, малку подоцна, но ова што ја нема во моментов на веб страницата на Бирото за развој на образование укажува на тоа дека раководството, Владата и тие што ги поставуваат за директори немаат никакво чувство за она што се случува кај народот, кај наставниците, кај родителите. Зошто доцнат со програмата тие треба да кажат. Но, можеле да почекаат и целосно да ги објават програмите за сите предмети. А, зошто доцнат можеме да претпоставиме. Нормално затоа што историјата е проблем, тие се обидоа да ја укинат историјата, но после силни реакции на стручната фела, на наставниците, на активистите, на родителите, тие ја вратија историјата во еден предмет историја и општество“, вели Весна Јаневска, претседателка на Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ.

Јаневска додаде дека преку историјата се учи за настаните, причините за настаните, се изучуваат историски херои. Преку изучување на историјата се гради идентитет и се гради чувство на патриотизам.

„Претпоставка е меѓу сите нас кои не сме во групата која ја создава програмата дека има проблеми во однос на историските програми. Особено затоа што сите знаеме дека ние имаме проблем со нашиот сосед во врска со историските настани, во врска со идентитетот, во врска со јазикот“, потсети Јаневска.

„Верувам дека тие што ја правеле концепцијата не се соочиле со реалноста. Ние не можеме да спроведеме такво образование на споени предмети. Прво, затоа што немаме кадар. Ние не сме произведеле кадар наставник кој ќе може да предава биолошки науки“, нагласи Јаневска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ