Министерот вели дека МОН е во комуникација со директорите на сите основни и средни училишта за тоа дали и како се одвива наставата и колку се вклучени во штрајкот. Рече дека по 14 часот односно по почетокот на втората смена во училиштата, ќе имаат информации за вклученост во штрајкот.
Шаќири утрово го посети средното училиште „Владо Тасевски” каде што се спроведува меѓународно ПИСА-тестирање. Во ова училиште, како што изјави, од вкупниот број 117 вработени, 18 се во штрајк – наставен кадар и технички персонал и дека се во посебна просторија.
„Мислам дека во повеќе градови е ваква состојбата. Имам првични информации, но треба да ги потврдам во соработка со инспекторатите – просветен и трудов, од градови каде што имало ученици кои сакале да влезат, но не биле пуштени во училиштата поради одлука за штрајк“, рече Шаќири.
На прашањето зошто МОН не соопштило во кои училишта ќе нема настава поради што децата и нивните родители самите требало да се информираат, Шаќири одговори дека не сакале да се вклучат зашто, како што рече, можеби од СОНК ќе се сфатело дека сакаат да им вршат притисок.
Затоа, нагласи, оставиле синдикатот да го менаџира процесот и директорите на училиштата да знаат кој ќе штрајкува.






