среда, 10 декември 2025

Матичните лекари на протест побараа повеќе пари, ги одбија благодарниците од министерот Сали

Објавено на

часот

Сподели

На протестот поддршка дадоа голем број матични лекари од целата држава, најавија дека денеска нема да прегледуваат пациенти, а од утре следува повеќедневен штрајк.

Претседателката на Здружението на приватни лекари, Лилија Чолакова Дервишова порача дека протестот е последен крик за спас на приватните матични лекарски ординации.

„Оставивме доволно време да се формираат групите, но тие не проработеа. Бараме покачување на капитациониот бод, кој пред четири години беше зголемен на 63 денари по пациент и оттогаш не добиваме никакви средства плус, а сѐ е поскапено, гориво, струја, животни трошоци“, рече Чолакова-Дервишова.

Таа додаде дека бараат да се смени начинот на препишување лекови за хронично болните пациенти и да се воведат нови лекови. Воедно бараат да се најде нов начин на плаќање на лекарите во примарното здравство и на лабораториите, односно се бараат решенија за да има лекари и за опстанок на примарното здравство.

На протестот дојде и министерот за здравство Беким Сали, кој изјави дека добро е запознаен со проблемите на примарното здравство.

„Сите претставници на здруженијата знаат дека работиме на нов модел на финансирање на примарната здравствена заштита. Работиме на три можни модели за промена на начинот на кој се исплаќаат матичните лекари. Но, сметам дека денешниот ден е за одбележување на Денот на здравјето, а не за протестирање“, рече Сали.

Според него, барањата на лекарите се прифатливи, но во Буџетот за оваа година не се предвидени средства за покачување на капитацијата. Сали исто така на лекарите се обиде да им додели благодарници, но тие не ги прифатија.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ