понеделник, 7 април 2025

КП Идризово е лошо место за девојчињата што издржуваат казна, алармира народниот правобранител

Објавено на

часот

Сподели

Народниот правобранител, поради констатирани неправилности во поглед на упатувањето на малолетничките на кои им е изречена воспитно-поправна мерка во КПУ КПД ВПД „Идризово“ отвори предмет по сопствена иницијатива.

„Согласно со Законот за извршување на санкциите, КПУ КПД ВПД Идризово е место каде може да се сместат и овие лица, но став на народниот правобранител е дека оваа установа не е соодветно место за упатување деца за извршување воспитно-поправна мерка. Имено, малолетничките сместени во КПУ КПД ВПД Идризово не посетуваат настава, не се оспособуваат за работни занимања, не можат да се занимаваат со спорт, затоа што оваа установа истото не може да им го обезбеди. Понатаму, за девојчињата сместени во установата не постојат услови за доследно обезбедување на здравствена заштита, а воедно тие се изложени на контакти со возрасни осуденички кои издржуваат казна затвор во истата установа, што несомнено може штетно да влијае и да го попречи остварувањето на процесот на нивно превоспитување. Исто така, условите за живот во делот од установата каде што се сместени малолетничките не ги задоволуваат минимално поставените стандарди за простории за овие лица“, се наведува во извештајот.

Народниот правобранител констатира дека малолетничките се доведени во неповолна положба во однос на нивните врсници од машки пол – малолетниците што истата мерка ја издржуваат во Воспитно-поправниот дом Тетово.

„Од овие причини, народниот правобранител упати укажување до министерот за правда и до директорот на Управата за извршување на санкциите заради потребата од итно разгледување на можноста и малолетничките да се преместат во објектот на Воспитно-поправниот дом Тетово, на начин што ќе бидат соодветно одвоени во посебен дел од истиот објект, со цел остварување на основната цел на упатувањето на издржување воспитно-поправна мерка, а тоа е нивно превоспитување“, пишува во извештајот.

Во документот се појаснува дека до надлежните органи се упатени и препораки за соодветни измени во Законот за извршување на санкции во насока на исклучување на можноста за сместување на женски лица упатени на издржување воспитно-поправна мерка во КПД „Идризово“, како и дека од министерот за правда се известени дека ќе се изнајдат начини за постапување по укажувањата и препораките на омбудсманот и ќе се пристапи кон подготовка на условите за преместување на малолетничките на издржување воспитно-поправна мерка во Воспитно-поправниот дом Тетово.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ