Синдикалниот лидер ја повика Владата да собере сила и политичка волја за усогласување на платите со веќе покачената минимална плата и потсети дека барањата се за покачување од 18,4 проценти на платите и усогласување со колективните договори.
„Можам да изразам само надеж дека до вечер ќе имаме добри резултати, доколку членството одговори позитивно на евентуален нов предлог“, рече Неделков и порача дека е мошне извесно дека штрајкот ќе продолжи и утре.
Каков и да биде евентуалниот предлог, не одлучуваме само ние овде присутните, рече Неделков уште еднаш потенцирајќи дека секогаш се носи колективна одлука.
На прес-конференцијата на СОНК присуствуваше Сусан Флокен, директор на Европската конфедерација на синдикатите за образование – ETUCE, која изрази поддршка на СОНК и „придружување“ во однос на преговорите со министерот за образование.
Флокен изрази солидарност со синдикалните барања, рече дека јасно ја изразува поддршката и нагласи дека се потребни поголеми вложувања во образованието во Македонија, како и во наставниот кадар.
„Наставниците ја заслужуваат нашата почит, заслужуваат подобро отколку само зборови. Образованието е повеќе од само образование, тоа е подготовка на идните генерации и наставниците. Квалитетно образование е темел на целото општеството. Стоиме до колегите наставници овде во борбата за нивните права“, рече Флокен, додавајќи дека ќе го придружува Неделков, односно ќе има средба со министерот за образование за јасно да ги поддржи барањата на СОНК.
Флокен оцени дека станува збор за круцијална професија и нагласи дека е важно за децата да се продолжи квалитетно образовниот процес кој беше доведен до силни предизвици во времето на пандемијата. На новинарско прашање во однос на правата на децата пред правото на штрајк, таа констатира дека за време штрајкот не работат училиштата, дека е таква праксата и во други држави, но и дека тоа прашање различно се третира во различни земји во зависност од законските решенија.
Таа рече дека СОНК е важен член на Европската конфедерација на синдикатите за образование, која има 127 организации низ Континентот и за себе истакна дека го претставува гласот на околу 11 милиони наставници во Европа






