„-Како експерти во областа и лица со висок интегритет и чувство за општествена одговорност, вработените во Државниот испитен центар одлучија да ја одложат борбата за своите права за достоинствен живот во корист на вашата иднина. Со ова известување штрајкот се става во мирување“, соопшти синдикатот на 29-те вработени во ДИЦ во порака до матурантите.
Воедно вработените во Државниот испитен центар ја информираа јавноста дека министерот за образование Јетон Шаќири имал намера насилно и незаконски да испрати луѓе да го спроведат испитот кој е со висок степен. Од ДИЦ укажаа дека на таков начин ќе им се наштетеше токму на матурантите кои со право, бараа матурата да се полага во редовниот термин, за да можат потоа да конкурираат на универзитети во земјава и странство.
Синдикатот на ДИЦ го почна штрајкот на 25 април со барање за поголеми плати и согласност од Министерството за финансии за нивниот колективен договор и ги стопираше процесите за кои е надлежен ДИЦ, меѓу кои и полагањето на државната матура и меѓународното тестирањето на основците ТИМСС.
Дваесет и деветте вработени бараат повисоки плати кои не им се зголемени и по повторниот пораст на минималната плата, што довело до изедначување на платите за различни работни позиции. Речиси половина од нив, 11, примаат околу 20.100 денари, а советниците кои, како што велат, се стожерот на ДИЦ, добиваат плата од 26 илјади денари.
За државна матура во јунскиот испитен рок годинава се пријавени 15 620 матуранти. На 27 мај треба да се полага првиот екстерен испит – Мајчин јазик и литература кој е задолжителен за сите матуранти. На 10 јуни е закажан тестот од вториот екстерен испит. Тој е изборен и матурантите имаа можност да избираат меѓу седум предмети.