среда, 11 јуни 2025

Обновена соработката на уставните судови на Македонија и Хрватска

По 20-тина години Уставниот суд на Република Македонија ја обновува соработката со Уставниот суд на Република Хрватска.  Делегација предводена од претседателот на Уставниот суд на Република Хрватска, Мирослав Шепаровиќ е во посета на Уставниот суд на Република Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопшти прес-службата на Уставнот суд, делегацијата на хрватскиот уставен суд остварил работна средба со претседателот Дарко Костадиновски, по што се одржала средба со судиите на Уставниот суд на Македонија.

На средбата Костадиновски ја потенцирал заедничката волја за обновување и интензивирање на соработката во наредниот период.

„Двата уставни суда во 60-годишната уставна традиција се соочувале со слични предизвици, имале слични надлежности, но и големи разлики, што значи имаме многу за што да дискутираме. Постојат норми и решенија во хрватскиот закон за Уставен суд, во поглед на критериумите за избор на уставен судија, потоа за начинот на кој е избран судијата, нешто за што и јас лично се залагам, а особено е драгоцено да се слушне вашето искуство“, истакнал Костадиновски.

Во рамки на посетата се одржала панел-дискусија на која се разменија ставови на повеќе теми поврзани со надлежностите и улогата на уставните судови. Во фокусот на дискусијата биле темите: извршување на одлуките на Уставниот суд, механизми за следење на извршувањето на одлуките на судот, механизми за постапување во случај на неизвршување на одлука на Уставниот суд. Во дискусијата се вклучија сите судии, споделувајќи ги своите размислувања.

Претседателот на Уставниот суд. Костадиновски, ставил акцент на неизвршувањето на одлуките од страна на конкретни институции и механизмите на судот за следење и нивно спроведување.

„Нашиот нов акт претставува едно револуционерно решение, се надевам ќе овозможи доследно следење и почитување на одлуките на Уставниот суд. Многу ќе бидам среќен ако го слушнам вашето искуство за две норми, што јас кај нас ги нарекувам ‘мртви норми’. Станува збор за можноста судот да го определи начинот на отстранување на последиците од примената на поединечниот акт, со кој правата или слободите биле повредени и второ Уставниот суд да го определи рокот и начинот на извршување на одлуките. Јас досега немам видено таква одлука, иако се важни алатки за извршување на одлуките“, нагласил Костадиновски.

Претседателот на Уставниот суд на Република Хрватска, Мирослав Шепаровиќ во своето излагање ја презентираше надлежноста на судот и разнообразната пракса на конкретни теми.

„Кај нас сите се должни да ги спроведат одлуките на Уставниот суд на Хрватска, од локални до централни власти. Нашите главни надлежности се во апстрактната контрола. Ние може да укинеме закон, не можеме да поништиме и може да одредиме рок во кој законодавецот треба да донесе закон. Кај нас генерално може да се заклучи дека немаме проблем со извршување на законите, има исклучоци, но тоа се ретки случаи. Ние имаме можност за користење еден механизам наречен ‘налог’ на Собранието да ги уреди превентивните и едукациските мерки во конкретни закони. Во однос на поништувањето на пресуди од редовното судство, јасна е нашата надлежнсот. Ние не можеме да ги поништуваме судските одлуки,  може да ги укинеме, и да изразиме став за неуставност. Некогаш само утврдуваме повреди и воопшто не укинуваме и се случува и самите ние, како Уставен суд да одредиме надоместок. Ние во таква ситуација оценуваме да се исплати со дополнителна штета пред редовните судови. Kaj нас, како наша надлежност е судењето во разумен рок, и ние сме последна инстанца, или тоа може да се стори со механизмот на уставна тужба“, нагласил претседателот Шепаровиќ.

По одржувањето на дискусијата, двете делегации ќе се сретнат со претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ