петок, 5 декември 2025
План има само на хартија

Објектот „Ранка Милановиќ“ ќе се урива, но никој не знае каде ќе завршат бездомните семејства со деца

Општина Гази Баба ќе го урива објектот „Ранка Милановиќ“, но никој не знае што ќе биде до семејствата кои се диво вселени и живеат во напуштените објекти.

 

Објавено на

часот

Сподели

По објавените стории на МКД.мк за тоа како живеат овие лица и дека условите во кои се сместени се под секое достоинство, од општина Гази Баба ни одговорија дека започната е постапка за носење на дел од урбанистичкиот план за овој простор, дека објектот ќе се урива, но дека лицата кои се сместени во објектот не се во надлежност на општината, туку е во надлежност на Министерството за социјална политија, демографија и млади.

Изминатиот период општината започна иницијатива на носење на дел од урбанистички план за тој простор како почеток на решавање на проблемот, за што е поднесена и информација до Владата на Република Македонија од која како општина по донесувањето на планот бараме овој објект заедно со земјиштето со Одлука на Влада да биде доделено на општината. Решението на проблемот е во уривање на објектите и согласно деталниот план изградба на објект со намена образование и наука. Што се однесува до лицата кои се сместени во објектите, дел од нив се сместени без документи, а дел од нив се сместени со решение од поранешната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска. Решавањето на проблемот со семејствата не е во надлежност на општина Гази Баба, туку на Министерството за социјална политика, демографија и млади“, се вели во одговорот од општина Гази Баба за напуштениот објект.

Заедно со Владата, велат од општината, побарано е и изготвено стручно мислење во кое постои заклучок дека објектите не се безбедни за домување и престој на лица. По завршување на постапката и добивање на објектот, општината ќе го сруши.

„Ранка Милановиќ“, некогашната установа за сместување на деца со проблематично однесување, со години е во руинирана состојба, преполна со ѓубре и урнатини, во кој живеат бездомни лица седат. Градоначалникот на Гази Баба, во февруари годинава беше во посета на ова место и извести дека започна расчистувањето на овој простор.

Во објектот „Ранка Милаковиќ“ живеат над педесетина семејства, деца кои воопшто не одат на училиште, како и лица болни од рак. Педесетина семејства со деца од најразлична возраст, од 1 година па нагоре, се заглавени со години наназад без основните услови за живот и под секое човечко достоинство. Речиси стотина луѓе во ова место се на раб на сиромаштија. Низ ходникот на овој објект висат кабли, некаде залепени, некаде голи, висат, опасни, но на нив нема знак за опасност. Од нив преку бандерите за улично осветлување навечер на диво се пренесува струја и вклучува еден телевизор.

Овие дечиња ја чекаат првата искра, првата светилка од уличното осветлување, а тоа им дава знак дека може барем на момент да вклучат телевизор и да заборават на суровата реалност во која нема ништо од среќно детство.

Адријан, Зејнеп, Медина, Анџелина, Фатима… сите имаат иста желба, да седнат во училишните клупи, да бидат дел од детскиот џагор, да имаат ранец, тетратки, прибор, да знаат да читаат и да пишуваат, да си го напишат своето име… Но засега од сето ова имаат само желба.

Одговор за нив побаравме од Министерството за социјална политика од каде ни одговорија дека на територија на град Скопје има неколку населби населени со бездомници. Министерството за социјална политика започна со процес на социјално мапирање на лицата кои се таму населени за да може да се дефинираат активности за инклузија на овие лица.

Во владина процедура е подготвената Информација за состојбата на населените лица околу месноста Вардариште, во рамки на која се предвидува донесување на Акциски план за инклузија и решавање на проблемите на лицата населени во неформални населби во кој ќе бидат опфатени повеќе критични локации во Скопје меѓу кои се Вардариште, Визбегово и Ранка Милановиќ.

Веќе во неформалната населба во Визбегово од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади се преземени активности за вклучување на децата во образовниот процес. Во соработка со  Министерството за образование, Општина Бутел и Основните училишта во Визбегово и Шуто Оризари дечињата посетуваат редовна настава, обезбедени им се наставен материјал, бесплатен оброк и превоз до двете училишта. За наредниот период е планирано формирање на  работна група со претставници на сите релевантни институции која ќе ги координира активностите за инклузија и решавање на проблемите на лицата населени во неформални населби, а во согласност и со мерките предвидени во Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030“, стои во одговорот од Министерството за социјална политика.

Никој конкретно не одговори што ќе биде со овие луѓе, туку се вели дека во наредниот период ќе се формираат работни групи и ќе се решаваат овие проблеми.

МОН не даде одговор за одење на училиште на децата од „Ранка Милановиќ“ 

Сега сме декември, на прагот на зима, студ, дождови, а можеби и снегови и мраз. Овие луѓе, а и децата се греат со импровизирани ќумбиња и горат што ќе најдат. Вода за пиење користат од подземно црево, кое во секој момент, бидејќи е на отворено, може да смрзне.

Новата Година е сонувачки процес за овие деца, а исто така и новогодишните пакетчиња бидејќи во овој објект нема ниту основни услови за живот, а не празнична атмосфера. Желбата за одење во училиште засега останува само желба на децата.

За одговор се обративме и до Министерството за образование, од каде требаше да кажат за образовниот процес на овие деца, но залудни беа нашите напори бидејќи одговори не добивме. Министерството за образование и наука требаше да каже што може и треба да преземе во врска со ваков случај во кој институциите знаат, основното обрзование е задолжително, а децата не одат на училиште.

Катерина Додевска 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ