вторник, 17 март 2026
Нови сведоштва на судењето за трагедијата во Кочани

Обезбедувачите немале обврски за малолетници и број на гости во „Пулс“ ако немале писмен договор со газда Деко

Требало или не да се пуштаат малолетни лица во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која на 16 март минатата година загинаа 63 лица, повеќето деца, и дали обезбедувачите можеле и требало да реагираат и да прават контроли? На овие прашања денес се бараа одговори на судењето за трагедијата, на кое на 35 физички и 3 правни лица им се суди за тешки дела против општата сигурност и за помагање.

Објавено на

часот

Сподели

Сведок на Обвинителството денес беше претседателката на Комората за приватно обезбедување, Верица Милеска Стефановска, која беше децидна дека малолетници во еден објект по полноќ не се безбедносен ризик, но не би требало да се таму.

Иако таа до детали објаснуваше за тоа кој сè може да врши обезбедување, каде е потребно да има обезбедувачи, како и кој треба и може да добие лиценца, а кој легитимација за вршење обезбедување, одбраната на обвинетите рагираше дека прашањата на обвинителите што го застапуваат актот за „Пулс“ се многу општи и дека само се губи време со вакви сведоци.

Но судијката Диана Груевска Илиевска рече дека има зошто е повикан овој сведок и дека најзините одговори се битни. Милеска Стефановска појасни дека за една компанија да може да врши дејност како обезбедување, МВР дава дозволи за физичко и техничко обезбедување или за сопствени потреби, а откако ќе ѝ биде издадена дозволата, има рок од 6 месеци да почне да работи.

„Откако ќе ги вработи, мора во рок од 30 дена да поднесе легитимации за обезбедување. Лиценцата е еден од условите да може приватното обезбедување да работи, а тоа значи дека работникот е само едуциран, а јавните овластувања работникот ќе ги применува со легитимација. Еден од законските критериуми е, ако сакате да работите како физичко обезбедување, да имате минимум 15 работници со легитимации, ако вршите техничко обезбедување, законскиот минимум е 3 легитимации, и ако обезбедувањето е за сопствени потреби, законскиот минимум е 10 работници“, рече сведокот.

Еден од критериумите да може да се врши обезбедување е лицата да имаат униформа, а на судењето беше отворено и прашањето дали обезбедувањето во „Пулс“ можело и требало да реагира ако имало малолетници внатре, како и дали требало да реагираат пред да се внесе пиротехниката, но сето тоа, според сведокот, зависело од тоа дали имало или не писмен договор меѓу обезбедувачите и сопственикот.

„Кога нема план за обезбедување, или кога има, работниците за приватно обезбедување може да вршат легитимирање на влез и излез, може да задржат лице што неовластено снима, може да задржат лице што е вмешано во кривично дело“, појасни претседателката на Комората за приватно обезбедување.

На ова од Обвинителството доби прашање, што ако лице што сака да влезе во објект носи општо опасно средство?

Остри реакции на ова имаше од адвокатот Јовица Страшевски, кој побара да се конкретизира случајот, а не да се поставуваат општи прашања.

„Може ли да го  конкретизираме случајот, имало или немало договор и готово, дремеме овде со денови, немаме ништо конкретно, само општо. Обвинителите требало да мислат на прашањата и на одговорите уште пред да ја викнат за сведок“, бурно реагираше адвокатот Страшевски.

Сведокот на ова појасни дека ако работникот на обезбедување затекне лице со предмет со кој сторува кривично дело, треба да викне полиција.

По ова следуваше ново прашање од Обвинителството дали обезбедувањето има ингеренции да реагира кога во објектот се внесува средство што може да ги загрози животот и телото на присутните?

Одговорот беше дека сè зависи од тоа дали тоа нешто е внесено пред да дојде обезбедувањето, и ако веќе е внатре, тогаш одговорноста е на сопственикот и управителот и зависи од тоа за какво средство станува збор.

Судијката Груевска Илиевска на ова праша: „А што ако некој има бомба?“

Одговорот беше дека сè што е сомнително во најмала рака треба да се пријави кај сопственикот.

Следното прашање беше дали и обезбедувањето има исти овластувања како и МВР, односно дали и тие треба да легитимираат малолетници по полноќ и имаат ли овластување да не им дозволуваат пристап на малолетни лица, ако е приватно обезбедување?

Милевска Стефановска рече дека задолжителна обврска на обезбедувањето не е да легитимира гости и немале обврска да вршат преглед на гостите ако немале писмен договор.

„Ако нема план и немаат задолженија да вршат преглед од сопственикот, постојат овластувања во кои работникот ќе примени овластување, преглед, ако постои сомнеж дека постои нешто, но тоа не е задолжително. Ако не е предвидено со план, не е задолжително, туку само по негова проценка. Во објектите треба да има поставени табли дека е забранет влез за малолетни лица. Објект кабаре не спаѓа во дејност на задолжително обезбедување“, појасни сведокот.

Сведочењето на Милевска Стефановска денес требаше да даде одговор за делот на обвинението што се однесува на обезбедувачите. Според обвинителниот акт, обвинетите Лазар Захариев, Ивица Грозданов, Мартин Георгиев и Стојанчо Димитријев вработени како обезбедувачи, дозволиле да влезат поголем број гости од дозволеното во објектот, а дозволиле и влез на деца.

И тие, како и првите обвинети, односно газдата на „Пулс“ и останатите, одговараат за истото кривично дело.

На претходните судења дел сведоци ги посочија токму обвинетите обезбедувачи како лица што кобната ноќ им го спасиле животот.

Сведочеше и Маја Тимовска од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), која појасни дека секој субјект во системот за заштита и спасување е законски обврзан да достави четири основни документи.

Станува збор за елаборат за заштита и спасување, правилник за заштита од пожари, процена на загрозеност од природни непогоди и други несреќи, како и план за заштита и спасување. Како што истакна Тимовска, елаборатот се доставува по електронски пат до ДЗС, односно до подрачните одделенија во зависност од регионот каде што се наоѓа објектот.

Таа нагласи дека позитивно мислење од Дирекцијата се издава само ако документацијата е целосна, а во спротивно се даваат насоки за отстранување на недостатоците.

Во однос на конкретниот случај со „Пулс“, Тимовска рече дека не може да потврди дали била доставена потребната документација, бидејќи таа се поднесува директно до подрачното одделение во Кочани.

На прашањето дали управителите на дискотеката имале законска обврска да ги достават овие документи, таа одговори потврдно, додавајќи дека сите субјекти мора да поднесат план, процена и правилник до подрачната единица, како и електронски елаборат преку општината.

Тимовска, која е дел од ДЗС од неговото основање во 2005 година, зборуваше и за начинот на функционирање на институцијата. Посочи дека годишната програма за работа ја одобрува директорот и се доставува до Владата, но дека во неа не се наведуваат детално регионите каде што се спроведуваат инспекциски надзори.

На следното рочиште закажано за в четврток ќе сведочат уште двајца нови сведоци на Обвинителството.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Со денешното рочиште продолжува доказната постапка со изведување сведоци по предлог на Обвинителството, кое го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Катерина Додевска 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ