четврток, 5 февруари 2026

Обдукцијата за загинатиот пешак ја одолговлекува истрагата за Симе Франгов, тврди Обвинителството

И по повеќе ургенции од страна на надлежниот јавен обвинител до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Гевгелија до овој момент сѐ уште не е доставен извештај од извршената обдукција врз починатиот. Извештајот од обдукцијата е клучен и за повеќе други дејствија што треба да се преземат, велат за МКД.мк од обвинителството во врска со случајот на Симе Франгов, син на поранешниот градоначалник на Гевгелија, Иван Франгов кој на 9 декември 2023 година предизвика сообраќајна несреќа во која загина 48 годишен пешак во Нов Дојран. Од Судска медицина пак тврдат дека извештајот од обдукцијата е испратен до ОЈО Гевгелија. МКД.мк веќе пишуваше за реакциите на гевгеличани кои прашуваат до каде е случајот со Франгов и зошто толку долго трае истрагата за овој случај.

Објавено на

часот

Сподели

Обвинителство ја чека обдукцијата, од Судска медицина велат завршена е. Ова е причината зошто истрагата за Симе Франгов, син на поранешниот градоначалник на Гевгелија, Иван Франгов кој на 9 декември 2023 година предизвика сообраќајна несреќа во која загина 48 годишен пешак во Нов Дојран трае повеќе од година и не може да заврши.

„Во предметот за кој покажувате интерес се прибираат докази. И по повеќе ургенции од страна на надлежниот јавен обвинител од ОЈО Гевгелија до овој момент сѐ уште не е доставен извештај од извршената обдукција врз починатиот. Извештајот од обдукцијата е клучен и за повеќе други дејствија што треба да се преземат“, одговрија на прашањето на МКД.мк од Јавното обвинителство.

Од Судска медицина пак тврдат дека обдукцијата е завршена.

„Од технички причини обдукцијата врз починатиот се оддолжи, но извештајот е готов и испратен до ОЈО Гевгелија и треба денеска или утре да пристигне до обвинителството“, велат за МКД.мк од Судска медицина.

После бурните реакции во јавноста зошто и покрај тоа што во сообраќајната несреќа загина пешак, а Франгов помладиот не е во притвор, од обвинителството велат дека ценејќи ги сите околности јавниот обвинител при поведувањето на постапката предложил мерки на претпазливост, мерки што Основниот суд во Гевгелија ги прифатил. Сепак, наведуваат од обвинителството, Франгов сега е во притвор, но за друго кривично дело поврзано со шверц на дрога.

„Што се однесува до мерките за обезбедување на осомничениот, ценејќи ги сите околности јавниот обвинител при поведување на постапката предложи мерки на претпазливост. Ваквите мерки судот ги прифати. Откако осомничениот беше опфатен во нова постапка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за кривично дело кое опфаќа трговија со дрога, му беше определен притвор и мерките беа укинати. По поднесено обвинение против лицето донесена е осудителна пресуда и тој е осуден на казна затвор, а притворот му е продолжен“, одговрија од ОЈО Гевгелија.

Реакциите во јавноста за сообраќајната несреќа која ја предизвика Симе Франгов дојде по усмртувањето на Фросина Кулакова која исто така беше пешак и жртва на сообраќајна несреќа. Токму таквите реакции беа причина, таткото на Симе, Иван Франгов поранешен градоначалник на Гевгелија да поднесе кривична пријава против непознати сторители за говор на омраза.

Од СВР Струмица, која е надлежна за постапување и за територијата на Гевгелија за МКД.мк објаснија дека на 1 февруари 2025 година Франгов постариот во полицијата во Гевгелија „на записник има поднесено пријава против непознат сторител за сторено кривично дело ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем по член 394-г од Кривичниот законик“.

„Имено, според пријавата во два наврати лице корисник на фејсбук профил во фејсбук група објавил невистинита содржина со која се шири говор на омраза против пријавителот и неговиот син, а текст со слична содржина бил објавен на фејсбук и од страна на друг профил. Од страна на ОВР Гевгелија во насока на откривање на сторителите повикани се лица кои се администратори на фејсбук групата, со кои се извршени службени разговори. Запознаен е јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија по чии насоки се преземаат понатамошни мерки за откривање и санкционирање на сторителите“, одговорија на прашањата на МКД.мк од СВР Струмица.

МКД.мк веќе пишуваше дека не стивнуваат реакциите и изразите на незадоволство, како и сведочењата за други семејни трагедии од сообраќајни несреќи, откако на 29 јануари годинава 22-годишната Фросина Кулакова беше смртно прегазена од Васил Јованов на булаварот Партизански одреди во центарот на Скопје. Последна во низата беше реакцијата на гевгеличани, кои прашаа до каде е случајот со синот на поранешниот градоначалник на Гевгелија Иван Франгов, Симе Франгов, кој на 9 декември 2023 година во Нов Дојран предизвика сообраќајна несреќа во која животот го загуби 48-годишен пешак.

Незадоволни од бавноста со која се одвива истрагата, тие на фејсбук јавно упатија прашања до каде е постапката во врска со овој случај и зошто на Франгов не му бил определен притвор иако во сообраќајната несреќа загина човек.

„Синот на ексградоначалникот на Гевгелија прегазил човек и никому ништо. Поради вакви примери и се случи трагедијата во Скопје. Цела Македонија е на нозе кога 20-годишно дете прегази човек во Скопје. А кога тоа се случуваше во Гевгелија, кога 20 и нештогодишен син на Иван Франгов прегази и усмрти човек, никому ни збор, ни протести. Симе Франгов со таткови врски преку обвинителката Василка Садикова Ковачева беше ослободен да не оди во притвор. После пак беше фатен со дрога“, велат гевгеличаните со кои разговараше МКД.мк, кои поради страв од одмазда не сакаа да го откријат својот идентитет, а кој ѝ е познат на нашата редакција.
И.О.

 

Тие направија паралела и најдоа сличности токму со случајот на Васил Јованов, кој ја усмрти Фросина Кулакова.

„Психолошкиот профил на двајцата деликвенти, Васил Јованов и Симе Франгов, е апсолутно ист. Двајцата се дилери и фатени се со дрога, двајцата убиваат човек со кола, двајцата се синови единци, на двајцата татковците им се функционери и се од истата политичка партија. Монструмите не се раѓаат, монструмите ги створиле Златко Јованов и Иван Франгов. И двајцата треба да одговараат заедно со нивните деца затоа што ги ослободуваа со партиски врски и сѐ им беше дозволено“, кажа тогаш нашите соговорници од Гевгелија.

Гевгеличани прашуваат до кога „обвинителите и судиите ќе ги штитат криминалците од законот и дали не треба сите да сме еднакви пред законот, еднакви пред судот и обвинителството“.

„Или убиството извршено од син на градоначалник не е убиство?“, прашаа соговорниците на МКД.мк.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ