„Следствено, проблемот со високото аерозагадување НЕ Е еколошки проблем, туку претставува ЗДРАВСТВЕНА КРИЗА и како таква треба да се реши што побргу, а не да се влече со децении и политички да се калкулира со мерките кои се неопходни за нејзино решавање.
Македонија со години е на ВРВОТ во Европа по бројот на починати поради изложеност на ПM 2,5. Во 2023 година таа бројка е 222 лица на 100.000 жители во ризик.
Каков беше воздухот во 2025?
Како и до сега, останува праксата и по три години и повеќе да нема мерења на одредени мерни станици. Никако да се набават доволно резервни делови кои бргу ќе ги заменат нефункционалните инструменти.
Во моментов 39 ИНСТРУМЕНТИ НЕ РАБОТАТ, 30% од вкупниот број.
Продолжува и праксата да не се мерат тешките метали, бензенот, бензо(а)пиренот, хемискиот состав на ПM 2.5, прекурсорските супстанции на озонот на потребниот број на мерни места, иако е ЗАКОНСКА ОБВРСКА. Како резултат, јавноста, но и институциите кои треба да преземат конкренти мерки, не знаат на какви концентрации од овие супстанции сме изложени, од кои голем дел се ДОКАЖАНИ КАНЦЕРОГЕНИ.
На ова поле НИШТО не е сменето со оваа Влада, која е веќе 1 година и 7 месеци на власт, иако додека беа опозиција бараа средства од Буџетот за оваа намена.
Максимално дозволените дневни и годишни концентрации на загадувачките супстанции во воздухот поставени од страна на нашата држава и ЕУ се арбитрарни, не се базираат на заштита на здравјето, туку се политичко-екомонски базирани и затоа се многу повисоки.
Ќе го разгледуваме загадувањето во однос на вредностите за заштита на нашето здравје.

ПM 2,5: НАЈОПАСНИТЕ
Во однос на загадувањето со ПM2.5, најопасните и најштетни по здравјето, нема некоја промена во последните пет години, малите разлики се должат на климатските услови.
Во зима: концентрациите се до 18 пати повисоки.
Надвор од грејна сезона: до 3,5 пати повисоки.
Поразително е што ниту Лазарополе, кое важи за рефренетно чисто подрачје, не ги исполнува здравствените граници за ПM 2,5.
Највисоки вредности има од октомври до јануари, а најниски – во лето и февруари.
ПM 10: СЛИЧНО СЦЕНАРИО
Загадувањето со PM10 е во слични рамки и исто не покажува некоја промена.
Зимски концентрации: до 7,5 пати повисоки.
Летни концентрации: до 2,5 пати повисоки.
Само Лазарополе има ПM 10 вредности во граници на заштита на здравјето.
NO₂: ЗАГАДУВАЊЕ ОД СООБРАЌАЈОТ КОЕ СЕ ПРЕМОЛЧУВА
Обично не се зборува за загадувањето со NO₂, азотниот диоксид, кој е главно резултат на сообраќајот, но и на согорувањето на фосилните горива.
Зимски вредности: до 4,5 пати повисоки.
Летни вредности: до 4 пати повисоки.
Скопје е на врвот, но повисоки вредности има и во Тетово, Кавадарци, Кичево, Охрид – мерни места во близина на фреквентни улици.
Зачудувачки е што Лазарополе во ниту еден месец од годината не покажува концентрации на NO₂ во граници на заштита на здравјето и највисоки концентрации има во лето. Гевгелија, Берово, Миладиновци, Битола 2, Гостивар, Струмица, Битола 1 – имаат пониски вредности од Лазарополе.
НИШТО не е направено систематски од оваа Влада/локалната власт за да се намали загадувањето со овие загадувачи преку целата година и се заштити нашето здравје.
Нема сериозни мерки ниту за греење, ниту сообраќај, ниту индустрија, ниту градежништво. Само некакви ветувања кои којзнае како и дали ќе се остварат.
Да дозволиш при вакво загадување да чадат оџаци непречено, а може брзо да инсталираш филтри на сите и тоа по прифатлива цена од 150-200 евра и ја наметнеш таа обврска; да се гори петрол кокс во тулани и други погони кои загадуваат значително, а може да забраниш во еден ден; индустријата да користи јаглен, мазут, кокс, наместо гас, а може да наложиш да користи гас каде е можно; училишта, градинки, болници да се греат на мазут/нафта, а може да го смениш начинот на греење ако инвестираш; да се возат возила без катализатори, без филтри, без никаков стандард, испуштајќи огромни отровни емисии, а може да го спречиш на повеќе начини; градилишта и каменоломи без обврска да мерат ПM 2,5 и ПM10, а може да го регулираш во еден ден со носење на измена на законот; значи дека свесно НЕ САКАШ да го решиш проблемот и ги заштитиш граѓаните од последиците.
СКОПЈЕ: СУБВЕНЦИИ КАКО АЛИБИ
Во град со 40.000–55.000 домаќинства што се греат на дрва, субвенционирањето на 200 инвертери и 300 филтри не е мерка – туку алиби.
Со тоа темпо, проблемот би се решил за еден век.
Притоа, без одлука со која забрануваш оџаци без фитлри од одреден датум и не ги субвенционираш во голем број, ништо од мерката.
Зошто некој да купи филтер за оџак? И кој проверува дали тој што купил инвертер не грее друга соба на дрва или го користи само понекогаш зимно време и/или во летните месеци само?
Колку да се каже еве правиме, имаме мерки.
Инаку, во Скопје од 2019 наваму се субвенционирани околу 10.000 инвертери (најголем дел околу 7.600 се поделени до 2021), што од градот, што од Mинистерството за енергетика, што од некои општини.
Според пописот од 2021 во Град Скопје има помеѓу 40.000 до 55.000 домаќинства кои се греат на дрва (23–32% од домаќинствата), ~550 на нафта, ~100 на јаглен, ~ 7.000 на пелети, ~31.000 на клима уреди.
Во државава во 2024 се регистрирале над 684.000 возила од кои 2/3 се дизел, 2/3 се постари од 15 години, 1/3 се во Скопје.
Не се забрани увоз на користени возила под ЕУРО 5 и ЕУРО 6 за нови, иако пред година дена на официјален состанок ни беше кажано дека ќе се спроведе“, соопшти О2 иницијатива.






