недела, 1 март 2026

Нулта дискриминација не смее да биде само порака, КСЗД повика на реална еднаквост (ВИДЕО)

1 Март е потсетник дека еднаквоста е обврска, а не избор, нагласуваат од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација по повод 1 Март – Денот на нулта дискриминација,  и упатуваат порака дека општеството мора континуирано да работи на обезбедување еднаков третман и заштита на правата на сите граѓани, без оглед на нивните лични карактеристики. По тој повод, во соработка со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и УНИЦЕФ, а во рамките на кампањата „Еден тим за секое дете“, КСЗД го промовираше видеото преку кое, истакнати фудбалери и фудбалерки упатуваат порака за општество против диксриминација. Комисијата апелира граѓаните да пријавуваат дискриминација и институциите активно да постапуваат.

Објавено на

часот

Сподели

Од Комисијата потенцираат дека дискриминацијата не е апстрактен поим, туку реален проблем со кој граѓаните се соочуваат во секојдневниот живот – во образованието, вработувањето, пристапот до услуги и јавниот простор.

„Оваа година, УНАИДС го става фокусот на континуираната дискриминација со која се соочуваат луѓето што живеат со ХИВ и лицата изложени на ризик од ХИВ. Таквата дискриминација директно го ограничува пристапот до здравствени услуги, доведува до повреда на основните права и го попречува глобалниот напредок кон искоренување на СИДА-та до 2030 година. Централната порака на овогодинешното одбележување е јасна – луѓето мора да бидат ставени на прво место“, велат од КСЗД.

Оттаму појаснуваат дека во Македонија стигмата кон лицата што живеат со ХИВ и понатаму е присутна, особено во здравствениот сектор.

„Според податоците за 2025 година, 90 отсто од пријавените случаи на дискриминација врз лица што живеат со ХИВ се евидентирани токму во здравството. Овој податок укажува дека недоволното познавање на начинот на пренос на ХИВ и стравот заснован на предрасуди, резултираат со здравствени нееднаквости и прекршување на човековите права“, велат од КСЗД.

Во својата порака, Комисијата нагласува дека Денот на нулта дискриминација претставува глобален повик за почитување на достоинството, еднаквоста и човековите права. Според нив, институциите имаат клучна улога во спречување на нееднаквиот третман, но и граѓаните треба да бидат охрабрени да пријавуваат случаи на дискриминација.

Оттаму посочуваат дека препознавањето и пријавувањето на дискриминацијата е првиот чекор кон нејзино надминување, додавајќи дека правната заштита постои, но мора активно да се користи.

„Образованието претставува клучна алка во сузбивањето на стереотипите и предрасудите што генерираат дискриминација кон ранливите категории, особено кон девојките и жените, лицата со попреченост, ЛГБТИ лицата и Ромите“, потенцираат од КСЗД.

Комисијата укажува дека зголемувањето на јавната свесност е клучно за создавање инклузивно општество. Едукацијата, информирањето и институционалната транспарентност се наведуваат како неопходни механизми за намалување на предрасудите и стереотипите.

„Ја потсетуваме јавноста дека еднаквоста не е привилегија, туку право. Општество без дискриминација е предуслов за демократија, социјална кохезија и одржлив развој. Да изградиме заедница во која различностите се почитуваат, а човековото достоинство е неприкосновено, секој ден, за сите“, порачуваат од КСЗД.

Посебен акцент се става на потребата од еднаков пристап до права и услуги за сите граѓани, без дискриминација по која било основа, вклучително пол, етничка припадност, возраст, попреченост, социјален статус или други лични карактеристики.

Од Комисијата порачуваат дека изградбата на општество без дискриминација бара заедничка одговорност – од институциите, граѓанскиот сектор, медиумите и самите граѓани.

„’Нулта дискриминација’ не треба да остане само симболична порака, туку да се претвори во секојдневна практика што гарантира еднакви можности и достоинствен живот за сите“, се наведува во пораката по повод 1 Март.

По повод 1 Март – Денот на нулта дискриминација, во соработка со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и УНИЦЕФ, а во рамките на кампањата „Еден тим за секое дете“, КСЗД го промовираше видеото преку кое, истакнати фудбалери и фудбалерки упатуваат порака за општество против диксриминација. Комисијата апелира граѓаните да пријавуваат дискриминација и институциите активно да постапуваат.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ