Според информациите од синдикатот, на 20 јануари 2026 година била поднесена кривична пријава против 14 старешини од Армијата (АРМ). По пријавата бил отворен предмет во Основното јавно обвинителство во Штип, а случајот го води јавен обвинител од ова обвинителство. Сепак, синдикатот тврди дека во текот на постапката врз еден од оштетените, професионален војник кој бил повикан како сведок, бил вршен притисок да ја повлече тужбата што претходно ја поднел пред надлежниот суд.
Според нивните наводи, притисокот се состоел во сугестии од страна на јавниот обвинител дека тужбата треба да се повлече, при што на професионалниот војник, тужител му биле споменувани и информации за здравствената состојба на близок член од семејството на оштетениот.
„За да биде скандалот уште поголем , јавниот обвинител искажува детали за лични здравствени состојби на најблизок член од семејството на оштетениот , но тие информации ги знае само 11 -то пријавеното лице од кривичната пријава поднесена кон 14 -те припадници на Армијата. Прашањето е како јавниот обвинител ја знае здравствената состојба на најблизок член на семејството на оштетениот и која е целта на барањата за повлекување на тужбата и прифаќање на незаконските постапки на овие 14 припадници на Армијата ?! Ова е доказ дека Министерството за одбрана (МО) и Армијата директно влијаат на јавното обвинителство за да се отфрлат сите пријави поднесени против припадници на Армијата кои правеле и сѐ уште прават криминални дејствија во МО и Армијата, штета на буџетот на државата и штета на припадниците во АРМ“, тврдат од Синдикатот.
Од синдикатот велат дека ваквите постапки отвораат сериозни прашања за можен притисок врз обвинителството со цел кривичната пријава против воените старешини да биде отфрлена.
„Ова е втор случај за неколку месеци за директно вршење притисок врз јавни институции, пред неколку месеци униформирани припадници на Армијата вршеа директен притисок врз членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за отфрлање на сите претставки од синдикатот против Министерството за одбрана и Армијата за дискриминација врз професионални војници, за сега да има повторно вршење на сличен притисок, но овојпат преку јавен обвинител со цел оштетеното лице да ја повлече тужбата пред надлежниот суд за да може јавниот обвинител да ја отфрли кривичната пријава против овие 14 старешини од Армијата“, велат од синдикатот.
Тие најавуваат дека поради овој случај ќе поднесат претставка до Советот на јавни обвинители, со барање да се утврди одговорност за, како што велат, „нестручно, несовесно и непрофесионално вршење на функцијата јавен обвинител“.
Во реакцијата потпишана од претседателот на синдикатот, Александар Насковски, упатени се и прашања до државниот врв. Од таму ја повикаа претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова која воедно е и врховен командант на Армијата, да одговори дали е запознаена со состојбите во АРМ.
Прашања се упатени и до министерот за одбрана, Владо Мисајловски од кого синдикатот бара одговор дали е информиран за наводите за незаконско постапување на воени старешини и дали ќе преземе мерки.
„Го прашуваме министерот за одбрана Владо Мисајловски, откако ќе направи пауза од ПР кампањата со рилови за затскривање на катастрофалната состојба во Армијата , да одговори дали знае што се случува во министерството кое го води скоро две години и дали ќе преземе нешто да го спречи самоволието и незаконското постапување на овие воени старешини ?! Носењето на униформа на Армијата на Република Македонија и носење на чин на градите е гордост и чест за угледот на Армијата, но таа униформа и чин не ги прават тие да бидат над законот“, децидни се од синдикатот.
Поради сето ова, од Синдикатот најавуваат дека ќе поднесат претставка до Советот на јавни обвинители за утврдување на одговорност за нестручно, несовесно и непрофесионално вршење на должност јавен обвинител и вршење на притисок врз сведок однносно професионалниот војник кој е оштетено лице.
Од Основното јавно обвинителство во Штип засега нема официјална реакција за овие наводи.






