Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, им честита на новите членки. Потенцира дека тие се додадена вредност на Советот и оти институцијата ќе може да застане на здрави нозе и да ја остварува својата надлежна функција.
Јошевска-Анастасовска нагласи дека денеска дале изјава за лична одговорност и очекува дека заеднички ќе успеат од Судскиот совет да изградат силна институција.
„И чекор по чекор храбро, отчетно, одговорно и трпеливо да почнеме да се движиме во позитивен правец и да придонесеме да се зголемува довербата во судството. Време е за интегритет. Време е за одговорност“, рече Јошевска-Анастасовска.
Смета дека треба да почнат со спроведувањето на новиот Закон за Судскиот совет и да ги донесат сите подзаконски акти, кои се поврзани со него.
„Сметам дека треба да почнеме да го применуваме новиот Закон за Судскиот совет, да ги донесеме подзаконските акти, кои се врзани со новиот закон, и натаму со нови сили да биде добра основа за градење силна институција “, нагласи Јошевска-Анастасовска.
Судскиот совет го сочинуваат 15 члена, од кои осум се избираат од редовите на судиите, тројца избира Собранието и двајца членови се на предлог на претседателот на државата. Членови без право на глас се и претседателот на Врховниот суд и министерот за правда. Тие се избираат со мандат од шест години, со право на уште еден реизбор.
Мандатот на избраните членови трае шест години со право на уште еден избор, а на претседателот на Врховниот суд и на министерот за правда со престанок на функцијата им престанува и мандатот во Советот.






