Новиот состав го сочинуваат Бојан Маричиќ, претседател на комисијата, Абдуш Демири, потпретседател, и членовите Александар Даштевски, Ангелчо Ристов, Светлана Карапетрова, Борис Кондарко и Дитмире Шеху.
Претседателот на ДИК, Маричиќ, во името на сите членови се заблагодари за двотретинската поддршка од сите 83 пратеници што гласале за нивниот избор. Потенцира дека оваа функција е сериозна одговорност и доверба, која, како што рече, мора да се оправда.
„Знаете дека во изминатиот период, последните десетина години, ДИК била секогаш на ниво на задачата и фактот што досега немало проблеми со изборниот процес укажува дека веќе креираме таква традиција, институционална меморија. Ние ќе продолжиме во тој дух“, порача тој.
Маричиќ информира дека денеска од спикерот Гаши биле поканети и прифатиле да учествуваат во работната група за Изборниот законик, за како што посочи, да придонесат новиот законик да е поквалитетен.
„На дневен ред е разгледување на измените на Изборниот законик или нов изборен законик. Ние тоа ќе го следиме со големо внимание. И во разговорот со претседателот на Собранието бевме поканети да учествуваме во работната група. Се разбира дека ќе прифатиме за да бидеме на ниво на должноста и да придонесеме новиот изборен законик да има што подобар квалитет и да има своја практична примена. Државната изборна комисија може да помогне во тој дел“, нагласи Маричиќ.
Државната изборна комисија е составена од седум члена – претседател, потпретседател и пет други члена, со право на повторен избор. Нивниот мандат е четири години, а се избираат во рок од 60 дена од денот на одржувањето на конститутивната седница на Собранието. Политичките партии во опозиција предлагаат претседател и двајца членови на ДИК, a партиите на власт предлагаат потпретседател и тројца членови на ДИК. Сите нив ги избира Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Кандидатите за членови на ДИК треба да бидат државјани на Република Македонија со постојано место на живеење, да се дипломирани правници со најмалку осум години работно искуство како правници и да не бидат членови на орган на политичка партија.






