На сцената на плоштадот ќе настапат и изведувачи од македонската народна музика, а предвидени се и три до четири дена програма за најмладите. Ѓорѓиевски упати покана до сите скопјани за заеднички дочек на Новата година во центарот на градот.
„За скопјани многу ќе значи сите да се собереме заедно да ја дочекаме Новата година на плоштадот“, рече градоначалникот.
Новогодишното украсување на Скопје ќе чини 3.260.000 денари (околу 53 илјади евра), а ќе го изведува скопската компанија „Линк медиа плус ДООЕЛ“, единствениот понудувач на тендерот. Истата компанија претходно работела декорации во Центар, Штип, Кавадарци и Чаир.
Најголемиот дел од украсувањето ќе биде концентриран на плоштадот „Македонија“. Таму ќе се постави 13-метарска новогодишна елка, големи 3Д фигури (мечиња, подароци), светлосни ѕвезди, „ѕвездено небо“ направено од околу 800 м² лед-мразулци, како и светлосни обвивки за 25 канделабри.
Покрај плоштадот, новогодишната декорација ќе се прошири и по главните градски булевари: Даме Груев, Димитрија Чуповски, 11 Октомври, ВМРО, Гоце Делчев, Партизански Одреди и Филип Втори Македонски. Пред Владата ќе бидат поставени вкупно 40 светлосни елементи.






