Иако насоките и на Министерството за социјална политика, демографија и млади како и на Врховниот суд се сосема јасни дека надлежен да даде мислење е Центарот за социјални работи (ЦСР) во Скопје, сепак ЦСР – Охрид повторно се обидува да се наметне како главен да даде мислење за старателството, пишува А1он.
Ниту одлуките на надлежните не го поколебале охридскиот центар ниту кривичната пријава што е поднесена од страна на надлежното министерство против поранешниот директор на ЦСР – Охрид, Игор Еленчески токму за непочитување на одлуките на повиските судови и ЦСР Скопје.
Од Јавното обвинителство пак, велат дека ги испитва наводите од пријавата.
„Предметот е во Основното јавно обвинителство Охрид кое презема дејствија и ги испитува наводите. Пробавени се податоци од Министерството за труд и социјална политика, а се врши увид и во судски предмет. По преземање на сите дејствија ќе биде донесена јавнообвинителска одлука“, иинформираа од Обвинителството.
Врховниот суд одлучувајќи по поднесената ревизија од мајката Невена Спасеска, ја укина пресудата на Апелацискиот суд Битола, со која старателството на четиригодишното дете му беше доделено на таткото од Охрид.
„Овој суд е на мислење дека во услови кога министерство се произнело по однос на тоа кој центар за социјални работи е месно надлежен да даде мислење за доверување и чување на детето, судовите треба да го имаат истото во предвид, а со оглед дека се работи за надлежен орган кој спороведува контрола и инспекциски надзор над работењето на центрите на ниво на целата држава. По оцена на Врховниот суд пониските судови во пресудите кои беа укинати, не ги утврдиле со сигурност најдобрите интереси на детето и не ги утврдиле со сигурност сите релевантни факти и околности по однос на тоа кој е најдобриот интерес на малолетното дете и на кој од родителите треба да се даде на чување, воспитување и издржување“, се наведува во дел од пресудата на Врховниот суд.
На барање на А1он од Министерството за социјална политика, демографија и млади потврдиле дека остануваат на ставот дека надлежен да даде мислење за старателството е Центарот за социјална работа во Скопје, а не оној во Охрид.






