петок, 3 април 2026

Ново научно читање на Мисирков во монографија на Ганка Цветанова

„Социолошкиот дискурс на Крсте Петков Мисирков: за македонскиот идентитет и за нацијата“ е насловена монографијата од проф. д-р Ганка Цветанова, издание на „Арс ламина“, која ќе биде промовирана в понеделник, на 6 април напладне во Музејот на македонската борба за самостојност.

Објавено на

часот

Сподели

Издавачката куќа информира дека монографијата претставува теориско преиспитување на делото на Мисирков, со настојување да се нагласи неговата теориска длабочина и далекосежност во контекст на современите дебати за нацијата и идентитетот.

„Оваа научна студија го реевалуира и реконцептуализира Мисирков низ социолошка перспектива, интерпретирајќи ги неговите текстови како политички и културни сведоштва, но и како аналитички обиди за разбирање на создавањето на заедницата, обликувањето на националната свест и утврдувањето на културата како основа на политичката легитимност. Во таа насока, студијата јасно и недвосмислено го афирмира Мисирков како основоположник на македонскиот социолошки дискурс. Иако главниот фокус на студијата не е непосредно насочен кон целосна реконструкција на процесот на создавање на македонската нација, сепак, преку социолошката анализа на делото на Мисирков, авторката Цветанова дава пресек на клучните моменти од тој процес, согледани во споредбен, историски и теориски контекст“, соопшти „Арс Ламина“.

За научниот и академскиот придонес на оваа монографија во историјата и развојот на македонската социологија, како и за теориските аспекти што ги отвора, на промоцијата ќе говорат рецензентите на книгата,  академик Катица Ќулавкова и проф. д-р Константин Миноски.

Авторката Ганка Цветанова е доктор по социолошки науки и редовен професор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.  Нејзините научно – истражувачки интереси опфаќаат низа современи и општествено релевантни теми од областа на идентитетските прашања, нацијата и национализмот, етничките односи и конфликти, културните политики и управување во културата, како и односот меѓу демократијата и новите медиуми.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ