понеделник, 9 јуни 2025

Новиот закон за енергетика стапи во сила, за МЕРМС тоа е важен чекор кон енергетска безбедност

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денеска информира дека новиот Закон за енергетика е објавен во „Службен весник“, со што по предвидениот рок од денот на објавувањето и официјално ќе почне неговата примена.

Објавено на

часот

Сподели

Овој системски, реформски и европски усогласен закон, како што се наведува во соопштението од министерството, беше изгласан во Собранието со силна поддршка, претставувајќи нов темел на енергетската политика во земјата – закон со кој темелно се регулира овој сектор и кој нуди визија за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина.

„Со имплементацијата на новиот закон, Македонија добива јасна и стабилна рамка за значајно зголемување на уделот на обновливи извори во финалната потрошувачка, повисока енергетска ефикасност и намалување на загубите, отворен пазар и активно учество на граѓаните како производители и потрошувачи на енергија, заштита на ранливите категории и намалување на енергетската сиромаштија и предвидлив амбиент за домашни и странски инвестиции во нови енергетски капацитети“, велат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Во креирањето на законот беа вклучени домашни експерти, а како што наведуваат од ресорното министерство, поминал низ инклузивен процес во кој биле вклучени сите релевантни чинители – институции, експерти, оператори, бизнис-секторот, регулаторното тело и граѓански организации. Законот добил поддршка и од секретаријатот на Енергетската заедница.

„Официјалната примена на законот претставува почеток на конкретни активности за дигитализација, модернизација и зелена трансформација на енергетскиот сектор, во насока на еколошка, економска и социјална одржливост“, се наведува во соопштението.

Од Министерството посочуваат дека ќе продолжат со координирана и одговорна имплементација на сите одредби, со јасна цел: да се обезбеди стабилна, чиста и достапна енергија за сите граѓани и за стопанството.

„Со овој закон, Македонија прави важен чекор напред – кон енергетска безбедност, зелен раст и европска иднина“, истакнуваат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ