Пратеникот во македонско Собрание, Кире Божиновски ја образложи потребата од донесување на законските измени на Законот за возила.
Божиновски рече дека со овој законските измени се решаваат две клучни прашања, а тоа се легализацијата на трактори, земјоделски приколки, како и за домување, мотоколтиватори, возила од категориите 01, 02 и Л, а воедно ќе се формираат регистри што ќе ги води ресорното министерство.
„Прво се овозможува дополнителен рок за легализација и утврдување на сопственичкиот статус на тракторите, тракторските приколки, мобилни машини, мотоколтиватори, приколки за домување, како и возила од категориите 01, 02 и Л. Имено во пракса, бидејќи постојат поголем број на започнати постапки и за незавршени постапки за легализација на вакви возила и на постапки што се во жалбена фаза предлагаме овој Закон да се усвои“, рече Божиновски.
Тој додаде дека втората причина за донесување на ова законско решение е воспоставување на појасна рамка за овластување на застапници и независни институции и воведување на регистри што ќе ги води надлежното министерство. На тој начин ќе се овозможи и поголема транспарентност и контрола во водењето на постапките. Овие законски измени на Законот за возила немаат финансиски импликации врз буџетот на државата и се намалуваат ризиците поврзани со безбедноста на сообраќајот.
Предлагачи на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за возила, по скратена постапка се пратениците Биљана Кузманоска, Благица Ласовска, Златко Пенков, Зоранчо Јованчев, Јулија Тушевска, Кире Божиновски, Моника Трајанова, Петар Ристески и Пеце Милевски.






