среда, 7 јануари 2026

Нови истраги и обвиненија се редат, а одговор нема, кој сѐ ја краде РЕК Битола?

Шест предистраги, две обвиненија и еден судски случај водат правосудните органи, а поврзани со извршени криминали во „срцето“ на македонскиот енергетски систем, Рударско-енергетскиот комбинат (РЕК) Битола. Сепак, сѐ уште останува едно неодговорено прашање, кој сѐ ја краде РЕК Битола, енергетски комбинат кој го доби епитетот дувло на криминалот.

Објавено на

часот

Сподели

За осуммина вработени во РЕК Битола и во приватната компанија „Марковски компани“ почетокот на новата 2026 година донесе непријатно изненадување и неизвесна судбина. По спроведена истрага, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола поднесе обвинение за милионски злоупотреби при јавни набавки.

Условите на тендерот биле местени исклучиво за Марковски компани

Според обвинението, во 2023 година група високи функционери во РЕК Битола вклучително и поранешниот директор на комбинатот Пеце Матевски и раководители на подружници ја злоупотребиле службената положба при распишување и спроведување тендер за дислокација на погонски станици од рудникот Осломеј. Во постапката, минималните услови за учество на тендерот биле така подготвени што фаворизирале една компанија односно „Марковски компани“ на која ѝ овозможиле да биде единствен понудувач на тендерот кој подоцна ѝ бил и доделен на оваа компанија.

„Тие заедно не ја извршиле својата службена должност за законито и совесно постапување и ги повредиле начелата на економичност, ефикасност, ефективност, сразмерност и конкурентност предвидени во Законот за јавни набавки“, се наведува во обвинението.

Покрај обвинетите функционери, главниот осомничен во случајот е бизнисменот Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“, фирма со долгогодишна историја на добивање државни договори. Марковски и негови соработници се сомничат дека поднеле невистинита документација и фактури за услуги кои не биле извршени, по што од РЕК Битола незаконски наплатиле над 106 милиони денари односно околу 1,7 милиони евра.

Ако судот го прифати обвинението, судскиот процес меѓу другото ќе треба да одговори и на прашањето како Марковски го стекнал својот капитал.

Имено, со обвинението, надлежниот јавен обвинител предложи на Марковски да му биде одземен имот во износ вреден околу 1,7 милиони евра со ДДВ кои ѝ биле исплатени на компанијата како резултат на сторените кривични дела.

„За таа цел, обвинителството во текот на постапката, користејќи ги инструменти на меѓународна правна помош, лоцираше и обезбеди 1,2 милиони евра, 1.000 швајцарски франци, три златни монети и една златна плочка од банкарски сеф во Белград, сопственост на првообвинетиот, како и над 500.000 евра на сметки во домашни банки. Дополнително, замрзнати се и 10 нови товарни и приклучни возила набавени во 2025 година од фирма во Србија во сопственост на првообвинетиот, кои исто така можат да бидат предмет на конфискација“, информираа од Јавното обвинителство.

Сознанијата на истрагата се дека обвинетиот поседува две компании во Србија, од кои едната основана на крајот на 2024 година, но и дека согласно следењето на парите, постои јасна тенденција, Марковски да ги префрла парите со кои располага кон тие компании во Србија.

„Адитив“ симболот на корупција во срцето на енергетскиот систем

Од април 2023 до август 2024 година, група функционери во ЕСМ, РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Неготино манипулирале со постапките за набавка на адитиви за јаглен, стекнувајќи финансиска добивка преку незаконски тендери и трансакции на пари.

По спроведената истрага, Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција (ОЈО ГОКК) на 27 февруари 2025 година поднесе обвинение против 31 осомничен и пет фирми за злоупотреби во јавни набавки. Меѓу обвинетите повторно се наоѓаат Борче Марковски и Пеце Матевски, „засилени“ со поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски кој од декември 2024 година е во бегство и против него е распишана меѓународна потерница. И во овој случај осомничените се обвинети за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба, злоупотреба на јавни набавки и перење пари.

„Според обвинението, првообвинетиот и неговите соработници овозможиле правно лице да добие договор за јавна набавка вреден над 397 милиони денари или 6,5 милиони евра за набавка на адитиви за јаглен, со што државната компанија ЕСМ била оштетена за крупни суми пари. Дел од средствата потоа биле пуштени во оптек и подигнувани во готовина за да се прикрие нивниот извор“, се наведува во обвинението.

Обвинет во овој случај е и поранешниот директор На ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ.

Три месеци подоцна, Основниот кривичен суд Скопје го одобри обвинението во целост и судскиот процес започна на 29 мај 2025 година. Со оглед на тоа што во рамките на овој судски процес има многу обвинети, а со тоа и многу нивни бранители судењето се одвива во дигиталната судница во затворот Идризово.

И кога сите поверуваа дека правосудните органи ѝ застанаа на патот на енергетската мафија, Обвинителството објави дека ја проширува истрагата за работата на РЕК Битола, но и за ТЕЦ Неготино. Во акцијата беа осомничени осум нови луѓе, а за 11 беа донесени наредби за истрага со основано сомнение за перење пари и други кривични дела.

Јавноста беше буквално шокирана кога Јавното обвинителство објави дека во проширената истрага едена од осомничените е тогашната претседателка на Државната комисија за борба против корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска која е обвинета дека одала службени тајни така што преку апликациите вибер и вацаап му доставувала службени и доверливи информации на Небојша Стојановиќ, поранешен директор на ТЕЦ Неготино исто така осомничен во случајот „Адитив“.

Сомнежи многу, одговори нула

И тука не е крајот на сомнежите. Поради законски ограничувања засега нема одговори на прашањата како ЕСМ и РЕК Битола набавувале јаглен од Косово и Грција и кој е всушност сопственикот на грчкиот рудник. Сериозни сомнежи кои бараат одговор се и оние каков е квалитетот на јагленот што се купува наспроти цената што се плаќа.

Од 2020 година ЕСМ почна сериозно да се потпира на увоз на јаглен (лигнит) за производство на електрична енергија, бидејќи домашните резерви не можат да ги покријат потребите на термоелектраните. Во тој период, странски јаглен е увезуван од Косово, Албанија и Грција преку повеќе договори склучени со различни фирми за кои речи си и ништо да не се знае. Како што не се знае дали дел од увезениот јаглен ги поседува потребните технички и калорични параметри што се неопходни за нормално и ефикасно работење на РЕК „Битола“. Сомнежите особено се подгреваат секогаш кога доаѓа до проблеми во работата на котлите па одредени блокови мора да бидат исклучени од системот на работа. Не е тајна дека за една деценија странски јаглен платен преку јавни набавки достигнал стотици милиони евра, што ја зголемува просечната цена на производство на струја во однос на продажната цена, со што државниот енергетски систем работи со загуба.

Во декември 2025 година, Владата прогласи кризна состојба поради проблеми во снабдувањето со енергенси, вклучително и тешкотии со набавка на мазут и јаглен од Грција поради блокадите на граничните премини. Ова дополнително ја нагласи ранливоста на системот што е зависен од увозни енергенси.

Токму затоа надлежните се должни да одговорат дали Македонија се соочува со структурни проблеми како што се ограничени домашни резерви на јаглен, растечки трошоци за увоз и потребата за диверзификација на енергетските извори и дали земјата може да се соочи со ризици за енергетска безбедност доколку продолжи да се потпира на увоз на јаглен и на традиционални фосилни горива.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ