петок, 25 април 2025

Нова полициска акција, приведени се уште 7 полицајци за пожарот во дискотеката во Кочани

Уште седум полициски службеници се приведени како дел од истрагата за трагедијата што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани, потврди вечерва jавниот обвинител Љупчо Коцевски за ТВ Телма.

Објавено на

часот

Сподели

„Сега од обвинителството од Кочани добив информација дека е издаден налог за приведување на нови седум полициски службеници. Тие ќе бидат обезбедени и за нив ќе бидат побарани мерки за претпазливост“, изјави Коцевски, но не прецизираше дали се работи за лица кои биле присутни на самото место на трагедијата или за службеници кои евентуално не постапиле согласно своите овластувања.

Меѓу приведените е и командир на полициската станица Кочани кој бил на чело на станицата за време на пожарот, а е еден од разрешените полицајци по трагедијата.

Досега осомничени се вкупно 14 полициски службеници. Засега, истрагата се води за едно кривично дело, а тоа е предизвикување опасност за животот и телото на луѓето.

Министерството за внатрешни работи потврди дека во тек е акција за приведување на полициски службеници во врска со трагедијата во Кочани.

„Во рамки на предистражна постапка МВР постапува на терен во врска со обезбедување на полициски службеници, до ОЈО ГОКК е доставена кривична пријава. Повеќе информации во текот на утрешниот ден“, се вели во информацијата на МВР.

Во пожарот во Кочани што се случи на 16 март загинаа 61 лице, а 193 беа повредени.

Обвинителството продолжува со прибирање на докази и сослушување на сведоци, а како што беше најавено, во тек е и анализа на видеоматеријалите и комуникацијата поврзана со настанот. Според првичните информации, истрагата е насочена кон утврдување на евентуална институционална одговорност за пожарот кој однесе човечки животи.

Oбвинителството осомничи 47 физички лица и 3 правни лица – поранешни министри, директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пазарната инспекција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ