петок, 6 март 2026

Нова опрема на ФЕИТ за унапредување на заштитата на медицинските лица од јонизирачко зрачење

Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска ја посети лабораторијата за радијациска физика при Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при УКИМ, соопшти ресорното Министерство.

Објавено на

часот

Сподели

Според информацијата, станува збор за акредитирана лабораторија, согласно пропишаниот стандард за квалитет, која покрај акредитацијата за детекција на храна и материјали третирани со јонизирачко зрачење, има акредитација и за персонален дозиметриски мониторинг на лица професионално изложени на јонизирачко зрачење.

Мониторингот, како што посочува Министерството за здравство, се прави на лица во медицински установи, вклучени во законските програми за мониторинг.

„Лабораторијата за радијациска физика е доопремена со нова опрема, добиена како грант од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), која ќе овозможи поквалитетен дозиметриски мониторинг и проширување на бројот на медицински лица опфатени со оваа законска програма. Во нашата држава постојат само три лаборатории, акредитирани за спроведување персонален дозиметриски мониторинг, меѓу кои Институтот за јавно здравје и лабораторијата при ФЕИТ, која претставува пример како преку меѓународни фондови и со поддршка од државата можат да се развиваат капацитетите на универзитетите, како во научно-истражувачката така и во апликативната дејност“, истакнал министерот Алиу.

Деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии, проф. д-р Владимир Атанасовски, според соопштението на Министерството за здравство, истакнал дека ФЕИТ денес претставува водечка институција во државата во развојот на научно-истражувачка инфраструктура и експертиза во повеќе технолошки области.

„Нашата цел е преку ваквата инфраструктура да придонесеме за едукација на висококвалификувани кадри и за поддршка на здравствениот систем, особено во областа на радијациската заштита и медицинската физика“, посочил Атанасовски.

Проф. д-р Христина Спасевска, раководител на лабораторијата за радијациска физика при ФЕИТ, информирала дека во овој момент лабораторијата извршува дозиметриски мониторинг на 168 здравствени работници, а во постапка е ангажирањето на лабораторијата за уште 207 лица.

„Со новата опрема обезбедена од МААЕ ќе се овозможи мониторинг на околу 550 здравствени работници, со што лабораторијата се поставува како значаен фактор за радијациската бедбедност во медицината“, посочува Министерството за здравство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ