понеделник, 8 декември 2025

Нова измама во Македонија: „Имаш злато во дворот, видовме на сателитски снимки“

„Им дадов 6.000 евра. Дојдоа осум лица и почнаа да копаат. Детекторите непрестано им свиреа, а тие воодушевено извикуваа дека тука има казани со злато. Ископаа дупка длабока шест метри и прекинаа“, гневно раскажува жртвата на македонската најнова „златна треска“.

Објавено на

часот

Сподели

Најмалку пет лица досега се измамени од осумчлена организирана група што на наводни сателитски снимки „видела“ закопано злато и успева да ги убеди домаќините дека токму во неговиот двор има ќупови полни со злато, а за да го добијат, се разбира, треба да платат „само“ 6.000 евра аванс.

Многубројни се легендите и преданијата дека уште од античко време има закопано злато во Мариово, во околината на Битола, во Кратово, Требеништа…, дека златото на Отоманската банка е закопано некаде кај Расимбеговиот мост на Црна Река, па сѐ до сандаците со злато што ги скриле Германците кога се повлекувале во Втората светска војна.

Македонија навистина има традиција на копање злато, многубројни копачи со детектори в раце со децении ја ораат барајќи разни „богатства“, па дури имаме и разбојници што од љубов по кешот диво копаат по регистрираните археолошки наоѓалишта.

Сега, сведочењето на градежниот мајстор Јаким Спасовски од Кратово ни открива една нова димензија на оваа македонска „златна треска“.

Дворот од неговата куќа во Кратово се граничи со дворот на црквата Свети Јован Крстител во Кратово. Легендата вели дека токму во дворот на оваа црква било закопано златото на царицата Елена и царот Константин. Можеби баш таа легенда била мотивот на осумчлената организирана група да го посети домаќинот Јаким. Двајца од нив пред две години, со помош на заеднички пријател, му покажале сателитски снимки на кои наводно се гледа дека токму во неговиот двор има огромно богатство, златото на Константин и Елена – 13 ќупа и три сандаци полни со злато.

Еден месец членовите на бандата го убедувале Јаким дека се сериозни луѓе, дека еден од нив е полицаец од Скопје, дека целата работа е легална, дека ако се најде богатството, државата ќе си го земе своето, ама на него „според закон“ ќе му останат 10 отсто, што е сосема доволно за богат живот за сите… и дека тие досега во разна опрема вложиле повеќе од 120 илјади евра. Но – за да почнат да копаат, Јаким треба да им плати 6.000 евра за 12-те „снимки“ од „американски сателит“.

На крај се согласив. Им дадов 6.000 евра. Дојдоа осум лица кај мене. Водач беше полицаец од скопско Ѓорче Петров, тука беше еден од Крива Паланка, еден од Србија, двајца дистрибутери на Пивара… Донесоа опрема, детектори, копачи, лопати… и почнаа да копаат од подрумот на куќата. Се правеа паузи по неколку дена. Ми велеа дека имаат исти вакви акции и во Велес, во Сушица – Катланово, во Крива Паланка, Трновац – Кратово… Ископаа дупка длабока шест метри и прекинаа. Ми рекоа дека треба да се направат нови сателитски снимки, овојпат од шведски сателит, за што се потребни уште 5.000 евра. А цело време ги вклучуваа и детекторите, кои непрестано свиреа, а тие сите воодушевено извикуваа дека тука има казани со злато“, гневно ја раскажува Јаким својата приказна. „Ги дадов и тие 5.000 евра. За што имам и сведок“, раскажува Јаким.

Почнале да копаат нова дупка. Според новите снимки од шведскиот сателит. Дошле до пет метри длабочина, кога јавноста ја потресе трагедијата со двете убиства за кои беше осуден Љупчо Палевски Палчо… и рекле дека мора да запрат. И Палчо и убиениот Жежовски биле замешани во некое копање на злато, па најдобро би било да се паузира, му рекол полицаецот на Јаким.

И таа пауза траела сѐ до пролетва, кога на Јаким конечно му станало јасно дека станува збор за најобична измама и почнал да си ги бара парите назад. Им кажал дека има намера да оди во полиција, дека ќе ги даде на суд, дека ќе ја раскаже приказната по медиуми…

Одел така од член на член на таа организирана банда, а на крај еден од нив му се заканил и му рекол дека „ќе го снема“.

Готово. Ангажирав адвокат. Еве ви ја раскажувам целата приказна. Јас парите мора да ги добијам. Во меѓувреме дознав и за уште неколкумина измамени, кои зеле брзи кредити, кои отишле на работа и во Грција само за да соберат пари за тие сателитски снимки. Ги повикав и нив тука, на разговор со вас, ама тие сѐ уште се мислат. А можеби и се надеваат дека таму некаде навистина има ќупови со злато“, вели кратовскиот мајстор Јаким.

Се слушнавме и со полицаецот од Скопје, кој вели дека го познава Јаким, но дека нема никаква врска со „некаквоси копање злато“.

Да, го познавам Јаким, ама немам никаква врска со каква било група на копачи на злато. Немам никаква врска со некакво злато. Сето тоа е лага. Не сум зел евра од никого за никакви сателитски снимки“, ни рече полицаецот и упати закана „ако нешто од ова се објави“.

Ги прашавме и во Министерството за внатрешни работи за нивни евентуални сознанија за вакви измами и за можноста дека тука можеби е замешан и нивен вработен.

МВР не е во можност да споделува информации за случаи што се во истражен или предистражен процес. МВР дополнително ќе преземе мерки и активности врз основа на допрен глас во врска со споделените информации.
Согласно член 51 став 1
‘правосудната полиција работи по налог на надлежните јавни обвинители’ и согласно член 289 од Законот за кривичната постапка ‘сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна“.

Додека да се открие таа тајна, оваа организирана група ги дели сателитските снимки којзнае каде и кому, и ги убедува сопствениците на дворови, ниви, ливади дека токму кај нив има закопано злато и дека се на чекор од „збогум сиромаштијо“.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ