На социјалните мрежи Арсовска тврди дека се работи за сериозен урбанистички и безбедносен скандал во Чаир, каде се гради зграда со повеќе од 50 станови без основен проект, без платени комуналии и со низа незаконски приклучоци на струја и вода.
Градоначалничката тврди дека во општината се прават обиди, со лажна документација дека објектот бил изграден во 2011 година, да се легализира. Таа тврди дека инвеститорот на диво веќе се приклучил на електричната мрежа, а се изведуваат и нелегални работи на булеварот за приклучок на водоводната и канализациска мрежа.
Арсовска го повика градоначалникот на Чаир Висар Ганиу, но и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, да ја истражат изградбата на овој објект кој дополнително е и незаштитен.
„Дрскоста оди дотаму што денеска се копа булевар со надеж дека во недела нема институции кои ќе реагираат“, напиша Арсовска, додавајќи дека се работи за опасен објект кој се гради без надзор и без одобрение, со сериозни закани упатени до оние што алармираат.
Арсовска информираше дека за време на нивната вчерашна интервенција станарите кои веќе се вселени во дивоградбата им се заканувале на инспекторите на град Скопје и им ги исекле гумите на возилата.