четврток, 19 февруари 2026

Нов субјект во македонското политичко милје – Српска демократска лига на Саша Богдановиќ

Поранешниот градоначалник на скопската општина Центар, Саша Богдановиќ и поранешен висок функционер во СДСМ, партија која ја напушти пред 2 години, најавува реактивирање на македонската политичка сцена со нова партија – Српска демократска лига.

Објавено на

часот

Сподели

„На празникот Сретение Господово на мојот Фејсбук-профил објавив дека се собрани 1.200 потписи (законски се потребни 1.000) за формирање на политичката партија –  Српска демократска лига. Со тоа го завршивме делот за поддршка и сега во наредните неколку денови останува комлетирање на документите кои се потребни и завршување на уште неколку процедури кои се пропишани со Законот за политички партии.  Собрани се потписите/изјавите, сега се комплетираат документите и уште неколку правни формалности за да ги предадеме до овластен суд и да побараме регистрација“, вели Саша Богдановиќ во изјава за Мкд.мк.

Зошто партија со етнички предзнак, кој ја става во втор план идеолошката ориентација, Богдановиќ вели дека „заложбата е подобрување на статусот и позицијата на Србите во Македонија, но и соработка со другите етникуми со кои делиме иста идеја“.

За причините за негова дефинитивна еманципација од партијата СДСМ, каде имаше важни партиски и општествени позиции, Богдановиќ наведува дека сè е кажано пред две години.

„Од СДСМ се повлеков од пред две години и причините сум ги образложил во оставката и отчленувањето што ја имам писмено поднесено до тогашното раководство“, потврдува како лидер на нова партија во процес на формирање.

За целите на новата партија вели дека првично сакаат да променат некои состојби во макдонското општество за кои сметаат дека „не им овозможуваат доволно права на Србите како народ којшто е автохтон“.

„Со нашето политичко дејствување сакаме да промениме некои работи во општеството и системот, за кои сметаме дека не им овозможуваат доволно права на Србите како народ којшто е автохтон. Сметаме дека со одредени измени, предлози и активности, пред сè во законите, правилата, прописите, но и во плановите и програмите на институциите ќе успееме да придонесеме за подобрување на положбата на Србите во Македонија. Пред сè мислам во образованието и во културата.

Ќе бидеме на услуга и од помош на Србите во Македонија, но и мост и спој на Србите од Србија, Црна Гора, Република Српска (БиХ), ама и на останатите од регионот и светот. Со нашето формирање како партија и политичко организирање ќе успееме да го подобриме статусот на Србите во Македонија, но и да ѝ помогнеме на Македонија за поголемо поврзување на Балканот и пошироко“, ги наведува целите на партијата што ја формира Саша Богдановиќ – Српска демократска лига.

Ј.П.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ