„Скенерот за поштенски пратки е од големо значење во заедничката борба против тероризмот, спречување пролиферација на мало и лесно оружје и недозволена трговија со дрога. Годинава во царинската испостава Пошта, каде е поставен скенерот, поминале над 100 илјади пратки, што кажува за значењето што оваа опрема ќе го има врз контролата на поштенските пратки. На овој начин, службите ќе бидат насочени да извршат навремена и прецизна проверка на сомнителните пратки“, истакна Бобан Николовски, директорот на Царинската управа.
Тој потенцира дека донацијата е силен доказ за заедничката посветеност на државите во справувањето со криминалот на меѓународно ниво, преку здружени напори и усогласен одговор на сите предизвици.
„Наша обврска како институции е да одговориме на предизвиците со сите капацитети што ни стојат на располагање, се со цел ефикасно сузбивање и целосно разобличување на криминалот“, потенцира тој и притоа се заблагодари на Канцеларијата на ОН, и на донаторите Германија, Шведска, Холандија, Франција, Обединетото Кралство и Норвешка за нивната севкупна поддршка во борбата против организираниот криминал.
На настанот свое обраќање имаа и Киро Цветков од Канцеларијата на ОН за дрога и криминал и директорот на АД Пошта, Орхан Куртиши.
„Поседување на делови и компоненти од огнено оружје е кривично дело согласно Кривичниот законик. Еден од најчестите начини на криумчарење оружје е преку испраќање на нивни делови и компоненти во поштенски пратки. Со донацијата на скенерот, ставаме акцент на деловите и компонентите преку вградена вештачка интелигенција која ги препознава и ги детектира сомнителните пратки кои содржат ваква стока. Истовремено, институциите работат на измени на Законот за кривична постапка, кои ќе овозможат употреба на посебни истражни мерка за делата поврзани со делови и компоненти на огнено оружје со што би се овозможило употреба на симулирана достава и фаќање на сторителите на дело“, истакна Киро Цветков, програмски офицер на Канцеларијата на ОН за дрога и криминал.
Директорот на АД Пошта, Орхан Куртиши, упати особена благодарност за обуката низ која поминале службите кои ќе работат на скенерот, при што особено ја нагласи важноста на скенерот во навремено откривање на пратки со забранети супстанци.






