„За разлика од албанските политички партии кои не го осудија анти-македонското скандирање, поголемите македонски партии го осудија анти-албанското скандирање во Куманово. Ваквата осуда на шовинистчко-ксенофобично скандирање е за поздравување и е еден од начините како да се смират страстите кај народот.
Асиметричниот однос на албанските и македонските политичари кон ужасната манифестација на етничка омраза е последица на имплементацијата на асиметричниот Охридски договор кој продуцира нетолерантни албански политичари и толерантни македонски политичари. Ова е пост-рамковната контрастна македонска политичка реалност која е апсолутно неприфатлива за нас Македонците.
Ние Македонците треба да осознаеме дека правење отстапки на наша политичка штета нема разбирање кај оние кои имаат бенифиции од нашите отстапки. Напротив, секој чин на политичка отстапка е заземање на нова политичка позиција од која позиција се бара нови наши отстапки. Ова важи за асиметричните охридски, преспански и бугарски договори.
Токму овие договори ќе нѐ натераат нас разделените Македонци да се здружиме и да си го вратиме името Република Македонија. Тоа е вистинската наша македонска национална цел. Колку побргу тоа го разбереме како нација толку подобро. Секоја друга политичка мантра од типот, ‘ЕУ без алтернатива‘ е губење време за нас Македонците“, сметаат од организацијата Нов АСНОМ.






