вторник, 7 април 2026

Нон-пејпрот на Вајц во ЕП да ги расчисти небулозите на францускиот предлог

Вториот протокол од билатералните состаноци на владините претставници на Македонија и Бугарија, како „необврзувачка“ обврска од Договорот за пријателство и добрососедство меѓу двете земји, од 2022 година се претвори во спорен услов за почеток на преговорите  на Македонија за членство во Европската Унија.

Објавено на

часот

Сподели

Имено, надвор од сите европски критериуми за проширување и досегашната ЕУ-практика, билатералниот документ, т.н. втор протокол е вграден во предлог-преговарачката рамка на ЕУ за Македонија, познат како „француски предлог“. Според македонските политички аналитичари, токму во вториот протокол е содржан условот за уставни измени, односно за нереципрочно внесување на Бугарите во македонскиот Устав. Очигледно, овој преседан во однос на македонската преговарачка рамка не е до крај јасен и за еврофункционерите.

Пред некој ден, известувачот за Македонија, Томас Вајц испрати нон-пејпр во Европскиот парламент за целосно расчистување на нејаснотиите во протоколот со Бугарија. Прашањето кое Вајц го поставува е дали вториот протокол е обврзувачка компонента на преговарачката рамка на ЕУ, или само билатерален инструмент меѓу земја-членка (Бугарија) и земја-кандидат (Македонија) без директно правно дејство во Унијата, повикувајќи се на членовите 2 и 49 од Договорот за ЕУ за почитување на човековите права.

Барањето е поврзано со амандманот 108 за извештајот за Македонија и ги повикува политичките групи да обезбедат најширока поддршка за негово усвојување во Комитетот за надворешна политика (АФЕТ) во мај.

„Доколку протоколот содржи идентитетско-политички услови (толкувања на историјата, лингвистичка класификација, содржина на учебници), ова може да биде во конфликт со заштитата на македонскиот национален идентитет и јазик што самата ЕУ постојано го признава. Ниту една друга кандидатура за пристапување не е оптоварена со споредливи барања за идентитетско-политички прашања од една земја-членка. Ова го поставува прашањето дали структурниот диференцијален третман на земјите-кандидатки во процесот на пристапување е компатибилен со општиот принцип на еднаквост“, се наведува во документот на Вајц до Европскиот парламент.

Освен тоа, во март, годинава, известувачот Вајц побара од правната служба на Европскиот совет итно да ги разјасни сите двосмислености околу правниот статус на вториот протокол од Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Македонија и Бугарија во врска со процесот на пристапување на земјава. Вајц тогаш практично побара Европскиот совет да каже дали со заклучоците од 2022 година каде што се споменува протоколот, но не како задолжителен услов, може да биде нов услов за евроинтеграциите на Македонија.

Политичкиот аналитичар, Ивица Боцевски, поранешен македонски амбасадор и вицепремиер за евроинтеграции, оценува дека потезите на Вајц во однос на преговарачката рамка за Македонија се принципиелни и во согласност со ставовите на Зелените, партија од која политички потекнува, за која етничките права се дадени како основни човекови права, загарантирани,  неспорни и не се тема за преиспитување.

„Имајќи ја предвид политичката база на Вајц, кој е европратеник од Зелените, постанционална партија за која етничките права се дадени како основни човекови права и е чудно да се спорат, не се изненадувачки ваквите негови иницијативи за расчистување на правните аспекти на спорните моменти во македонската преговарачка рамка. Уште повеќе што Вајц и неговата партија веруваат во европската идеја,  европските институции и човековите права кои се загарантирани.  Во секој случај интересна е неговата идеја овој нестандарден услов во македонската преговарачка рамка која ги засега основните човекови права, да биде расчистен од европските институции, конкретно од Евриопскиот парламент. А Европскиот парламент знаел да постави преседани во интерес на демократијата и демократските вредности. Можеби глобалниот геополитички контекст не е најсреќен за вакви прашања во европските институции, зашто познато е дека кога зборува оружјето, законите молчат. Но во секој случај, ние, како Македонија треба да се придржуваме до нашите принципи, права и интереси во однос на евроинтеграциите, односно на сите правни начини во европските институции да бараме еднаков третман во евроинтеграциите како останатите кандидати во евроинтегративниот процес“, вели Ивица Боцевски.

Според нон-пејперот на Вајц постојат два начина за покренување на постапката – преку земја – членка или претседателството на ЕУ и втората опција – Европарламентот формално преку резолуција да го повика Советот за мислење.

Ваквите иницијативи во европските институции околу преговарачката рамка на Македонија, како нон-пејпрот на известувачот Вајц, редовно предизвикува висок степен на готовност во бугарската висока политика. Тоа, но и можноста за укинување на ветото при прием на нови членки во Европската Унија, а во контекст на Македонија, неодамна била една од темите на разговор на средбата меѓу бугарската претседателка Илијана Јотова и тамошните европратеници.

„Во разговорот се дискутираше за обидите на Македонија да ги замени елементите во усвоената преговарачка рамка што се спротивни на европскиот консензус од 2022 година. Исто така, се дискутираше за опасноста од промена на методот на гласање при прием на нова земја во Европската Унија со квалификувано, а не со апсолутно мнозинство“, беше навдено во соопштението на прес-службата на Јотова.

Повод за состанокот беше подготовката и претстојното гласање во Европскиот парламент за годишниот извештај за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ. Од Софија и понатаму се категорични дека Македонија мора да ги исполни своите обврски со вклучување на Бугарите во својот Устав. Сметаат дека Бугарија и Македонија немаат билатерален проблем, односно дека нивниот „западен сосед мора да ги исполни европските критериуми за членство, од кои главен е заштитата на човековите права“.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски пак нема голема верба во европските иницијативи во однос на македонските евроинтеграции.

„За жал, сите овие т.н. еврпопски иницијативи се залажување на јавноста со технички формалности. За Европската Унија не постои друго решение за македонските евроинтеграции освен диктатот на Бугарија. Сè додека не ги внесеме Бугарите во Уставот, евроинтеграциите на Македонија ќе се вртат во круг со залажување со формалности“,  брутално искрено ја оценува Пекевски иницијативата на Вајц.

Македонско – бугарскиот спор пред ЕУ со „утврдени“ позиции за прашања кои изгледаат „релативни“ и за самата Унија, која е ставена во контекст на поголеми актуелни геополитички предизвици ( војните во Украина и на Блискиот Исток), амбасадорот Боцевски смета дека  тој е инерција на „моментот од Преспанскиот договор“.

„Оваа ситуација на македонско – бугарските односи пред ЕУ е продолжение на лошиот преседан со Преспанскиот договор. Овој договор само ги потврди злобните тврдења за непостоење на Македонците како посебен национален ентитет и ги охрабри во Софија и бугарската политика дека ‘чукна часот’ за остварување на нивните вековни аспирации спрема Македонија. Целиот оваа ситуација што Бугарија сака да ја претстави како ‘спор на Македонија со ЕУ’ е само инерцијален момент на Преспанскиот договор“, оценува Ивица Боцевски.

Јасминка Павловска  

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ