Во досегашната расправа во низа реплики и контрареплики, беа изнесени различни ставови при што пратениците од власта се фокусираа на неговата стручност и компетентност, додека, опозицијата на политичката припадност на Славески и визијата за независноста на институцијата.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, го пофали Славески како „визионерски пионер на мерки кои што давале резултати“.
„Треба да бидат земени предвид и неговата економска и неговата општествена активност. Тој е визионерски пионер на мерки кои што давале резултати. Сакаме да разговараме од аспект на неговата стручност, сите други теми се неважни“, рече Стојаноски.
Според координаторот на пратеничката група на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, пратеникот Бобан Карапејовски, ако Славески е добар стручњак, а тоа го покажуваат неговите професионални компетенции, тогаш како приватно се чувствува тој или дали е припадник на политичка партија не треба да биде клучно.
Елми Азири, пратеник од Алијанса за Албанците изрази сомнеж во неговата соодветност за функцијата, велејќи дека „фактот што професор Славески над 25 години има политички функции нѐ става во дилема за зачувување на централната власт“.
Во дебатата се вклучи и пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ, кој нагласи дека критериумите не произлегуваат од компетентноста, туку може да се поврзани со одредени политички фактори.
„Во контекст на носење одлука за гувернер треба да се разгледаат сите аспекти за да се осигура дека Народната банка ќе продолжи да функционира како независна институција“, посочи тој.
Пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците оцени дека именувањето на лице како Славески кое никогаш не ја крие политичката припадност е закана за автономијата на институцијата“.
Пратеничката Сања Лукаревска порача дека СДСМ нема да гласа за гувернер со ваков профил.
Согласно биографијата доставена во предлогот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, проф. д-р Трајко Славески е роден во Охрид во 1960 година. Тој е редовен професор на Економски факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Студирал на истиот универзитет, а бил на постдипломски студии во САД (Калифорниски државен универзитет 1986/87год. и на Универзитетот Харвард 1989/90 год.) Во 1997 година престојувал шест месеци на Државниот универзитет Аризона во Темпи, Аризона, САД, како визитинг професор.
Славески е ко-автор на првата Антиинфлаторна програма, документ донесен при монетарното осамостојување на Република Македонија во април 1992 година за борба против тогашната хиперинфлација и воведувањето на националната валута – денарот.
Во минатото проф. Славески ги извршуваше функциите министер за развој (1999-2000) и министер за финансии (2006-2009). За време на извршувањето на функцијата министер за финанси ја вршеше функцијата гувернер во Светска Банка и гувернер во Европската банка за обнова и развој.
Во биографијата, Славески уште напишал дека како член на Владата има иницирано и водено бројни реформи во економскиот и финансискиот систем на земјата, како, на пример, воведување на рамниот данок (2007 година), осовременување на системот за вршење на плаќања, интегрирана наплата на придонесите за социјално осигурување (системот бруто плата, 2009 година) и други.
На локалните избори одржани во 2021 година беше носител на листа за советници на коалицијата за Обнова на Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ. На конститутивната седница на Совет на град Скопје, одржана на 17.11.2021 година, беше избран за претседател на Советот, функција што и денес ја извршува.
Славески е автор и коавтор на осум книги како и статии во домашни и странски академски списанија, како и во електронски и печатени медиуми.