Како што информираше градоначалникот преку својот фејсбук-профил, работите се одвиваат со засилена динамика. Десетици камиони и градежни машини се ангажирани на терен, вклучително и во вечерните часови, кога сообраќајот е намален и не се создаваат дополнителни гужви. Според него, ваквиот интензивен пристап ќе продолжи и во наредниот период.
Проектот, кој со години бил во застој, сега добива нов импулс, јасна временска рамка и визија за современ урбан развој. Иако третата фаза – подземната сообраќајница – веќе е изградена, нејзиното целосно ставање во функција ќе биде можно по реализацијата на сите предвидени фази.
Првата фаза започнала пред неколку недели и веќе се реализира преку конкретни активности. Во оваа етапа се врши реконструкција и рехабилитација на постоечкиот коловоз, како и проширување на одделни коловозни ленти за подобрување на проточноста и функционалноста на сообраќајот. Проектот ги опфаќа булеварот „Борис Трајковски“ (кај Рампа), улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и крак од булеварот „Македонија“ до приклучокот на булеварот „Борис Трајковски“.
Предвидено е и проширување на улицата „Пролет“ на потегот од Полициската станица Пролет до Тутунскиот комбинат со дополнителна коловозна лента. Раскрсницата на овој дел ќе биде уредена со два острови во форма на триаголник и три во форма на солза, со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
На потегот од улицата „Пролет“ кон Лимак, како и од Лимак кон булеварот „Борис Трајковски“, се воведува еднонасочен режим на сообраќај. На раскрсницата меѓу булеварот „Борис Трајковски“ и улицата „11 Октомври“ ќе бидат поставени нови, современи семафори.
Во наредните фази е планирана изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, како и уште два кружни текови на потегот меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“ (Железничка), како и проширување на булеварот „Св. Кирил и Методиј“.
Паралелно со коловозната инфраструктура се изведува и атмосферска канализација со поставување на повеќе од 60 шахти и сливници, што претставува чекор кон поотпорна и одржлива урбана инфраструктура.
Подземната сообраќајница ќе располага со шест ленти – четири за двосмерен автомобилски сообраќај и две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки. Со нејзиното пуштање во употреба се очекува намалување на метежот, побрзо движење низ централното градско подрачје и создавање на побезбеден и поуреден урбан простор.
„Скопје го градиме со работа. Со визија. Со посветеност. Скопје го правиме заедно. По скопски!“, порачува Ѓорѓиевски во објавата.






