вторник, 17 февруари 2026

Њујорк тајмс: Агресивното парење на островот Голем Град ги турка женките желки кон исчезнување

На островот Голем Град во Преспанско Езеро посетителите понекогаш можат да видат необична сцена: низа желки што се качуваат една врз друга како бавен, раскалашен „воз“. Долги години ова му изгледало смешно на екологот Драган Арсовски од Македонското еколошко друштво. Но откако сфатил што навистина се случува, престанал да се смее, пишува Њујорк тајмс.

Фото: Драган Арсовски

Објавено на

часот

Сподели

Овој ненаселен остров, на територијата на Македонија, е дом на околу илјада Херманови желки, но огромното мнозинство се мажјаци. Тие агресивно ги прогонуваат женките, што го прави нивниот живот краток и нездрав. Некои женки дури завршуваат мртви откако ќе паднат од стрмните карпи што го опкружуваат островот. Според научен труд објавен неодамна, токму ова однесување ги турка желките кон можно исчезнување.

Островот, во Преспанско Езеро, има шуместа висорамнина опкружена со стрмни карпи. Кога Арсовски започнал со истражувањето во 2008 година, популацијата изгледала многубројна и стабилна. Но наскоро се покажало дека бројот на возрасните мажјаци е драматично поголем од бројот на женките. Последните податоци покажуваат однос од деветнаесет мажјаци на една женка.

Научниците долго време мислеле дека мажјаците ја насочуваат сексуалната енергија така што се качуваат еден врз друг. Потоа, по многу години истражување, доктор Арсовски сфатил дека женките се помали од нормалното и умираат млади. Исто така увидел дека некогаш смешните „возови“ за парење всушност се составени од повеќе мажјаци што бркаат една единствена женка. Кога женката ќе се измори, колоната се претвора во хаотичен куп влекачи. „Таа буквално е затрупана од мажјаци“, вели доктор Арсовски.

Тој и неговите коавтори напишале дека како дел од додворувањето желките „се удирани, гризени (понекогаш до губење крв), мажјаците се качуваат врз нив и на крај силно ги бодат женките што бегаат“ со остриот врв на опашот. Три четвртини од женките на островот имале повреди во гениталната област.

Овој постојан притисок веројатно влијае и врз нивната способност за размножување. Женките можат да чуваат сперма со години пред да ги оплодат јајцата, па научниците се запрашале дали стресот ги спречува да се размножуваат. Затоа ги пренесувале желките кај ветеринар за се направат рендгенски снимки.

Снимките покажале дека стомаците на повеќето женки на островот се празни. Само околу 15 проценти носеле јајца, додека кај популацијата на копното секоја женка била бремена и носела до единаесет јајца.

Уште еден показател за тешкиот живот на женките било тоа што научниците повеќепати ги виделе како паѓаат од карпите. Претходни истражувања покажале дека желките на островот не се плашат од височини и без страв се движат по стрмниот терен. За да проверат дали женките намерно бегаат, истражувачите поставиле ограден простор со еден излез што водел кон краток, безбеден пад.

Женките од копното, кога биле сами, никогаш не го користеле излезот. Но многу од островските женки на крај се упатувале кон него. Кога научниците таму додале пет возбудени мажјаци, речиси сите женки завршувале со пад. Истражувачите забележале дека, иако некои од копнените желки биле оттурнати, многу од островските желки „излегувале доброволно“.

И мажјаците понекогаш паѓаат од работ на островот. Но, како што изјави д-р Арсовски, „значително поголем дел од женките умираат на овој начин“.

Еднаш д-р Арсовски поставил ГПС-уред на една од ретките женки што носеле јајца за да открие каде ќе ги положи. Наместо тоа, уредот покажал хаотични движења, а подоцна таа била пронајдена мртва на брегот со скршен оклоп.

Научниците предвидуваат дека последната женка на Голем Град би можела да исчезне околу 2083 година. Според експертите, големата концентрација агресивни мажјаци создава таканаречен „вител на исчезнување“, процес во кој популацијата сама се турка кон колапс.

Не е познато зошто на островот има толку многу мажјаци. Можно е да станува збор за случајна природна варијација, бидејќи на копното има малку повеќе женки. Но постои и претпоставка дека луѓето некогаш ги донеле желките на островот во нерамномерен број.

Дополнителна мистерија се старите мажјаци на чиј оклоп се врежани броеви. Никој не знае кој ги означил и зошто, а одговорите можеби ќе исчезнат заедно со овие желки. За неколку децении, ако ништо не се промени, тие би можеле да исчезнат и да ги однесат своите тајни со себе.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ