среда, 17 декември 2025
Репортажа - втор дел

Нишките што се ткаат од Македонија до Анадолија уште од Александар Македонски

Некако се чинат неизбежни за Македонците, а и за сите што доаѓаат од Балканот во Турција, моментите на препознавање некои заеднички традиции, зборови, амбиенти, однесувања… Тие препознавања се случуваат при „средбата“ со ткаени ќилими, некоја стара куќа со чардак (во градовите низ Турција денес доминираат модерни станбени блокови), со ритуалот на турско кафе со локум…  На пример, речиси детска е радоста кога низ разговор со домаќините ќе откриете дека ѓеврекот во Турција не се нарекува секаде симит, туку во Измир – исто се вика „ѓеврек“. Сепак, ни Турците не можат да ја разберат логиката на скопската „симит погача“, како впрочем и сите „нескопјани“ во Македонија, сè додека не ја пробаат.

Објавено на

часот

Сподели

Анадолскиот „стоунхенџ“ Блаунд – првата врска со Македонија

Досега, општоприфатено објаснување за овие заеднички културно-традиционални наследства во модерното живеење и на Македонија и на Турција, е петвековното владеење на Османлиското царство на балканските простори. Но кустосите во Археолошкиот музеј во Ушак, заедничките елементи во некои обичаи во Анадолија и Македонија ги бараат многу порано, од времето на освојувањата на Александар Македонски, во 3 век п.н.е.

Највидлив аргумент за таквите претпоставки е античкиот град Блаунд, сместен меѓу современиот град Ушак и вториот најдолг кањон на светот, Улубеј со должина од 77 километри. На Блаунд последниве години интензивно се работи на археолошки ископувања и сè уште не е подготвен за посетители, што значи прошетката низ него е бесплатна, засега без билети. А од далеку изгледа како анадолски Стоунхенџ.

„Луѓето кои дошле од Македонија по походите на Александар Велики го изградиле античкиот град Блаунд, на рид опкружен со длабоки и стрмни долини. Се вели дека жителите на градот се нарекувале себеси Блаунди од Македонија. Градот, припоен кон Кралството Пергамон по Александар Велики, а потоа кон Римското Царство, добил многу поголемо значење и го достигнал својот врв во Римскиот период. Меѓу основните структури на античкиот град се стадионот, замокот, театарот, храмовите и карпестите гробници. Сегашните урнатини на градот се: стадионот со еднострани нивоа за седење, лакот на влезната порта на северните ѕидини, некои делови од утврдувањата, ковачницата и храмот на римскиот император Клавдиј“, раскажуваат во музејот во Ушак.

Археолошкиот музеј во Ушак е отворен пред околу 48 години и подоцна е преместен на својата нова локација веднаш до железничката станица. Музејот има три ката и 43 збирки, со изложени 2.000 артефакти. Првиот кат е резервиран за археолошки артефакти пронајдени во Ушак, вториот кат е за пари и историјата на парите, а третиот кат е за лидискиот период и богатствата на Крез. Брошот со крилест морски коњ, еден од највредните парчиња од богатството, е изложена тука.

Инаку, Ушак е порта помеѓу Егејскиот и Централно-анадолскиот регион. Градот бил домаќин на многу цивилизации низ историјата и затоа денес е дом на многу историско и културно наследство. Ушак, наречен „Теменотитија“ во античко време, датира од 4000 година п.н.е. Хетитското кралство владеело со регионот, а Фригијците го презеле по неговиот пад.

Во текот на 7 век п.н.е., Лидијците, првите што користеле монети во светот, почнале да доминираат во западниот дел на Ушак. Во овој период, градот бил на критичната точка на кралскиот пат, кој ги поврзувал Егејот и Месопотамија преку трговија и култура. Најбогатиот човек во историјата, кралот Крез владеел со Лидиското кралство во средината на 500-тите години п.н.е. Иако богатствата од неговата гробница во Гуре биле шверцувани во странство, тие биле вратени по долга правна битка. Крезовите богатства сега се изложени во Археолошкиот музеј на Ушак. Најпрепознатливото од овие непроценливи уметнички дела е брошот со крилест морски коњ. Подоцна, Ушак станал дом на Персијците, Селџуците, Гермијанидите (анадолски номади) и Османлиите.

Носејќи траги од стариот и модерниот век, Ушак е исто така извонреден град познат по својата природна убавина. Од кањонот Улубеј, кој се издвојува по својата должина, до природниот парк Ташјаран, кој фасцинира со своите карпи обликувани од ветерот и водата со векови, многу импресивни природни места чекаат да ги откријат посетителите овде.

Магијата на килимите и теписите од Ушак

Уште еден момент на културно препознавање во Ушак се случува во Работилницата за ткаење килими и теписи. Во естетиката од спомените на старите куќи во Македонија неизбежни се рачно ткаените килими, а сè уште престижен и скап декор и за современите домови е рачно ткаен тепих. Можеби токму поради тој момент на „престиж“, во современото уредување на домовите, експертите за внатрешно уредување препорачуваат голи подови и мали парчиња што наликуваат на теписи. Но во работилницата за ткаење во Ушак едноставно ве обзема топлината од шаренилото на ткаените килими и теписи.

Ушак долго време бил еден од главните центри на османлиското ткаење теписи и родно место на многу иконски дизајни од тој период. Додека елитните семејства во Европа ги имале своите слики изработени од познати сликари, тие ги користеле теписите од Ушак како декорации на ѕидот, подот и масите. Теписите од Ушак добија огромно значење за време на владеењето на султанот Сулејман I, познат и како Сулејман Величествениот. Ткајачките мајстори донесени од Азербејџан во тоа време почнаа да ткаат теписи уникатни за Ушак со нови стилови. Моделите беа дизајнирани од минијатуристи и уметници за декорација и беа наречени сарајски теписи. Ширејќи се од отоманските палати до европските замоци, од џамиите до црквите, тепихот Ушак не е само тепих, туку и легенда што е симбол на углед.

Теписите од Ушак, кои ги красат кралските палати и се користат низ целиот свет уште од 15 век, се познати по своите доминантни бои – црвена, сина, зелена и црна. Карактеристично за овие е теписи е двојното врзување на јазолот, за што е потребна извежбана вештина, а ткајачките во Ушак тоа го прават со леснотија и голема брзина. Мотивите често ги одразуваат набљудувањата на ткајачите за животните, небото и природата, пренесувајќи ги нивните лични искуства и емоции преку сложени шари. Покрај овие теписи, музејот претставува и рачно ткаени парчиња произведени од Докур Еви (Ткајачница), каде што локалните жени го одржуваат во живот рачно изработеното ткаење теписи од Ушак.

Отворен во 2013 година, Музејот на теписи во Ушак е евидентиран како прв музеј во Турција посветен на теписи. Музејот изложува 48 вредни парчиња, вклучувајќи не само теписи од Ушак, туку и историски теписи кои датираат од пред 500-600 години, заедно со неколку дела од турскиот сликар Деврим Ербил.

Природни „чудесии“ врамени во античките приказни

На патот меѓу античкиот град Блаунд и модерниот Ушак, чудата на природата се некако сраснати со артефактите од далечното минато, кои некако чудесно сè уште се во функција, како мостот Кландрас.

Се верува дека мостот Кландрас првично бил изграден како аквадукт за време на фригискиот или лидискиот период. Овој аквадукт, сместен на потокот Баназ во кањонот Улубеј, носел изворска вода од источниот дел на кањонот до античкиот град Пепуза на растојание од 2,5 километри. Подоцна, аквадуктот почнал да се користи како пешачки мост. Покажувајќи карактеристики на хеленистичката архитектура, денес мостот Кландрас е тесен и едносводен, со димензии од 24 метри во должина и 17 метри во висина. Станал популарно туристичко место поради својот живописен пејзаж и мирна атмосфера. Областа околу мостот е совршена за прошетки во природа, фотографирање и уживање во мирната околина.

Кањонот Улубеј е еден од најголемите кањони во светот. Над него има стаклена платформа каде што можете да гледате и да уживате во прекрасниот поглед. Кањонот има водни канали, карпести гробници и пештери од античко време. Улубеј и потокот Баназ (Banaz Çayı) се неговите извори на живот.

Сагаласос – сведок од Римската ера со раскошни градби, Испарта – регионот со 16 езера

Туристичките водичи од Турција, велат дека во земјата имаат повеќе антички театри од Грција, и римски аквадукти од Италија. Арехеолошките истражувања што се вршат со програмата „Наследство за иднината“, сериозно се со амбиција да докажат дека тоа тврдење не е само туристички маркетинг.

Античкиот град Сагаласос е уште еден доказ од досега „скриеното богатство“ на Турција.

Сместен на падините на планините Давраз (Таурус, Бик) во близина на Агласун во Бурдур, Сагаласос бил еден од најзначајните градови во регионот Писидија за време на Римската ера. Со најмалку илјада години производство на керамика, Сагаласос бил и најдолготрајниот центар за производство на керамика во античко време. Денес, тој стои како еден од најдобро зачуваните антички градови во Анадолија, нудејќи извонредно патување во срцето на класичната антика.

Повеќето видливи структури во Сагаласос датираат од римскиот период, одразувајќи го златното доба на градот. Сепак, археолошките докази покажуваат дека историјата на населбата се протега многу подалеку. По влегувањето во локацијата, посетителите се пречекани од остатоците од голема граѓанска палата, речиси како палата по размер со големи дворови и приемни сали. Во долниот дел од градот доминира големиот римски комплекс за бањи, сведоштво за величието на римската јавна архитектура. Стариот театар на градот е во фаза на реконструкција, а една од атракциите за фотографирање на туристите се камените срца.

Околу Долната агора (плоштад) се наоѓаат остатоците од Фонтаната на агората, Храмот на Аполон Клариос и Хадријановиот нимфеј, сите кои некогаш го формирале живописното граѓанско и духовно срце на градот. Сепак, најзначајната градба на Сагаласос е несомнено Антониновата фонтана, во која и денес сè уште тече планинска вода.

Во близина на Сагаласос е уште една природна атракција, која може да се нарече и „езерска земја“, но и „градината со рози“ на Турција. Тоа е Испарта, една од најпопуларните провинции во Турција. Сместена во Езерскиот округ, Испарта – со својата култура, економија, историско богатство и природни убавини – нуди и спокојство исполнето со мирисот на своите градини со рози и лаванда. Опишана како „градина од рози“ на Турција, Испарта неодамна го додаде одгледувањето лаванда на својот шарм. Испарта срдечно ги пречекува илјадниците посетители кои гледаат и фотографираат мориња од виолетова лаванда.

Два округа на Испарта, имено Јалвач и Егирдир, беа подобни да добијат сертификат Cittaslow.

Езерото Егирдир (Eğirdir Gölü), со своите неспоредливи зајдисонца, е четвртото најголемо езеро во Турција. Тоа е исто така најголемото езеро во Езерскиот округ на Турција, област со низа тектонски езера. Езерскиот округ беше вклучен во категоријата „Места што треба да се посетат поради нивното културно богатство“ на листата „Топ 50 дестинации за патување“ за 2023 година на светски познатото списание „Travel + Leisure“.

Езерото Егирдир е величествено природно чудо, познато по своите плажи и кристално чисти води, опкружено со овоштарници од јаболка и праски и изложувајќи широк спектар на бои во текот на денот. Во езерото има два мали острови, како продолжение на полуостровот. Јешил Ада се наоѓа на 1,5 км од центарот на градот Егирдир и на површина од девет хектари, ја зачувува својата автентичност со своите дрвени куќи на камен, тесни улички и мало рибарско засолниште. Порано познат како Ниш меѓу локалното население, овој остров привлекува внимание и со распространетоста на хостели и рибни ресторани, како и со црквата „Свети Стефан“, која се смета за света од христијаните. Џан Ада, од друга страна, е шарено островче од седум илјади квадратни метри помеѓу Егирдир и Јешил Ада. На островот нема никаква градба. Островот му бил доделен на Мустафа Кемал Ататурк како подарок од луѓето за време на неговата посета на Егирдир.

Градот Испарта е родниот град на еден од претседателите на Турција, Сулејман Демирел, кој како премиер издејствува Турција да биде меѓу првите држави што ја признаа независноста на Македонија. Неговиот портрет се наоѓа исткаен во најголемиот Етнографски музеј на теписи и килими во Турција, токму во неговата Испарта, како и портретот на авторот на химната на Турција, Мехмет Акиф Ерсој, роден во Скопје.

Музејот на теписи и килими во Испарта има изложбена сала која е хоризонтална и вертикална. Покрај повеќе од 3.000 традиционални теписи и килими, музејот вклучува традиционална облека што ги одразува фолклорните карактеристики на градот и турскиот свет, заедно со традиционална облека, стари домашни апарати, огнено оружје и земјоделски алатки, јуручки (номадски) шатор, традиционални прекривки за софи, ткајачки разбои, земјени тегли и апарат за дестилација што се користи во производството на масло од роза. По посетата на музејот на 10 ката, можете да уживате во погледот на Испарта од Стражарската кула.

Како неизбежно финале на секое патување низ Турција е да се „заслади муабетот“. Или што би рекле Турците – „слатко да јадеме, за слатко да зборуваме“. За такво финале, нема подобар избор од фабрика за локуми во Испарта. До следниот предизвик на хедонизмот и приказните од „светот на килимите и локумите“.

Јасминка Павловска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ