недела, 6 април 2025

Нимиц со нов импулс во разговорите за името

Објавено на

часот

Сподели


Aмбасадорот Нимиц првo ќе се сретне поединечно со секого од претставниците и ќе се обиде да најде заеднички прифатлив пристап за да им се даде нов импулс на разговорите и да се направи значаен прогрес кон решавање на спорот со името, соопшти прес-службата на ОН.

Новата рунда разговори се одржува речиси една година по последната средба на Нимиц со двајцата преговарачи. Оптимизам за напредок во преговорите нема кај ниедна од двете страни.

Според изјавите на премиерот Лукас Пападимос, шефот на дипломатијата Ставрос Димас и лидерот на Нова демократија Андонис Самарас, Грција останува на старите, тврди позиции за името.

Претседателот Ѓорге Иванов на средбата со дипломатскиот кор во Битола викендов изјави дека очекува Атина да ги напушти некоректните максималистички позиции, да го смени досегашното однесување и да го поддржи интегрирањето на Македонија во евроатлантските структури.

Тврдиот став на Атина, според македонскиот државен врв, не дава простор за евентуално решение на спорот. На координативната средба на државното раководство на која се прецизираше позицијата пред новата рунда разговори во Њујорк, беше истакнато дека Македонија ќе настапи конструктивно и оти тоа го очекува и од Грција.

Премиерот Никола Груевски во интервју за „Дневник“ оцени дека позицијата на Грција не дава ниту теоретски шанси за решение. Причините за тоа, посочува, покрај кризата во Грција, се привремената влада, нараснатиот национализам, но и тоа што во владата е и Андонис Самарас, и тоа токму преку прет-ставник на МНР.

Шефот на дипломатијата Никола Попоски изјави дека е неблагодарно да се прејудицира, но првичните пораки од Атина велат дека Грција е незаинтересирана за целисходен дијалог со Македонија.

„Првичните пораки на сегашната влада во Атина се на неприоритетност и незаинтересираност за целисходен дијалог со Македонија. Повеќе енергија беше потрошена во поставување барикади, опструкции и одбегнувања на суштински разговори отколку во решение. Од наша страна, посакуваме тоа да се промени што поскоро“, изјави министерот Попоски во интервју за МИА.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ