„Обединетото Кралство е стратешки партнер и силен поддржувач на Република Македонија во регионалниот развој. Оттука, инвестициите од Обединетото Кралство имаат значаен удел во развој на македонската економија“, потенцирал вицепремиерот Николовски.
Како што соопшти Министерството за транспорт, на средбата на која биле презентирани условите за инвестирање, се разговарало за новите текови во економските односи меѓу двете земји, со посебен фокус на инвестиции во инфраструктурата. Притоа потенцирано било дека Македонија се наоѓа во еден силен инвестициски циклус, особено во патната и железничката инфраструктура, како значаен сегмент во регионалниот развој.
Вицепремиерот Николоски ги истакнал економските реформи и развојот на земјата, притоа ја нагласил можноста за воспоставување на нови стратешки партнерства меѓу Македонија и Обединетото Кралство во развој и реализација на регионални инфраструктурни проекти.
На средбата биле потврдени и добрите политички односи меѓу двете земји.
„Македонија извезува околу 2,5 милијарди евра во Велика Британија и имаме јасна цел тој извоз да расте и во скоро време да ја надминеме бројката од три милијарди евра извоз, што сериозно ја помага македонската економија, значи добро платени работни места и секако ќе значи нови работни места. Со министерот за извоз и економија на Велика Британија зборувавме за инфраструктурни проекти што ги раководам како министер за транспорт и потпретседател на македонската влада, разговаравме за развојот на железницата, за развојот на автопатите и авиосообраќајот и можностите што Велика Британија ги има за да ѝ помогне на Македонија“, изјави Николоски по средбата и додаде дека Велика Британија е наш втор трговски партнер.
Разговаравме, додаде, и за финансиските можности што ги има Велика Британија, секако и околу знаењата кои може да ни ги пренесе.
„За таа цел остваривме и средба со компанијата „Кросраил“ (Crossrail), која е на британската влада и која ја изведе првата целосно дигитализирана метро-линија во Велика Британија, тоа е линијата наречена по кралицата Елизабета. Во текот на денот ќе имаме средби и со претставници на финансиски институции тука во Лондон, ќе имаме средби и со други институции кои што можат да и помогнат на Република Македонија. Ќе имаме многу значајна средба со извозната агенција на Велика Британија, а во текот на утрешниот ден продолжуваме со средби со министерот за Европа, специјалниот пратеник за Западен Балкан, како и Министерството за надворешни работи“, рече Николоски.
Посетата на Лондон ја оцени како нов чекор во соработката со Велика Британија.
„Со тоа ја позиционираме Македонија како стратешки партнер во Југоисточна Европа на Велика Британија, нешто што е чекор напред за сите македонски граѓани и долгорочно партнерство со држава која има огромна традиција, силна економија и како што велат е последната империја во светот“, посочи Николоски.
Делегацијата предводена од вицепремиерот Николоски денеска ја продолжува работната посета на Обединетото Кралство, каде ќе се остварат низа средби со бизнис-заедницата во Лондон, а во текот на утрешниот ден ќе се одржи средба и со Стефан Доти, министер задолжен за Европа, како и со Дејм Карен, специјален пратеник на премиерот на Обединетото Кралство за Западен Балкан.
Посетата на Обединетото Кралство, како што се наведува во соопштението, е во рамките на владините политики за зацврстување на стратешките односи меѓу двете земји и можноста за зголемување на економската и трговска соработка.
Во структурата на надворешната трговска размена, Обединетото Кралство е рангирано на второ место на листата земји со кои Македонија остварува најголем обем на трговска размена.