Како што информираат од Министерството за транспорт и врски, станува збор за важен состанок за односите меѓу двете земји од областа на транспортот.
„Денеска имавме одлична средба со министерот за транспорт и инфраструктура на Француската Република, голема е честа за мене и за македонската влада да бидеме примени на виско ниво. Имаме одлична соработка, која сега ќе ја надградуваме. Зборувавме за соработка која е доста развиена во делот на авиосообраќајот, двата аеродроми во Скопје и Охрид се оперираат од француска компанија. Исто така разговаравме и за зголемување на соработката и во делот на железницата и автопатиштата“, изјави Николоски по средбата со Табаро.
Во делот на железницата, како што поосчи, ги презентирал плановите за развој на двата коридори 10 и 8.
„Македонија има уникатна позиција каде двата коридори се пресекуваат источно од Скопје и двата треба да ги развиваме. Во однос на коридор 8, кој е од стратешко значење за НАТО, зборувавме што можеме да направиме за да се доврши источниот дел од пругата, но исто така да се развие и западниот дел од пругата, секако да се поврземе и со Италија, Албанија и Бугарија и да ги поврземе Јонското и Јадранското море со Црното море“, рече Николоски.
Во однос на коридор 10, министерот истакна дека тоа е најзначајниот трговски коридор на Балканот, и информира дека зборувале за тоа што може да се направи за да се изгради брза пруга и на тој начин јужните пристаништа од Европа да ги споиме со Средна и Централна Европа.
„Има големи искуства што ќе ги искористиме од Франција. Франција е лидер, особено во железничкиот сообраќај и ќе работиме многу заедно. Вчера имавме средба со 11 најголеми француски компании кои се добродојдени да инвестираат во Македонија“, истакна вицепремиерот и мнистер за транспорт, Александар Николоски.
Министерот Табаро посочи дека ѝ стојат на располагање на земјава за заедничка соработка.
„Веќе постои соработка од областа на воздушниот сообраќај со компанијата која управува со аеродромите во вашата земја и соработката е одлична. Соработката е добра и од областа на цивилното воздухопловство и истата постојано се унапредува.
Целта на денешната средба е да се соработува и на други проекти, пред сè од областа на железничкиот сообраќај, затоа што постојат француски компании кои се развиени и напреднати. Посакуваме соработката со вашата земја, која освен што би била економска, би била пред сè и пријателска во насока на воспоставување заеднички проекти и споделување на нашето искуство за проекти кои биле иницирани пред неколку години, па возобновени, за да ги спроведете амбициозните проекти во вашата земја, која е незаобиколна на Балканот. Преку вас и преку пријателската средба која ја имавме, ја обновуваме желбата за цврсти врски и стоиме на располагање на вашата земја за заедничка соработка, унапредена, брза и што поамбициозна“, изјавил по средбата Филип Табаро, министер за транспорт на Франција